
Денеска присуствував на конференција на Асоцијацијата на новински агенции од Балканот и југоисточна Европа, напиша на својот фејсбук профил премиерот Христијан Мицкоски.
Вашата работа не е само пренесување на вести, туку создавање на јавна меморија, градење доверба и одржување на демократијата жива. Денес, повеќе од кога било, медиумите се столб на демократските општества. Во услови на глобална поврзаност, тие не само што информираат, туку и инспирираат, обединуваат и создаваат клима за просперитет.
Во време на економски и социјални предизвици, кога граѓаните бараат сигурност и надеж, медиумите се тие што можат да пренесат визија, да објаснат реформи и да ја поттикнат јавната дебата.
Нашата земја цврсто стои на ставот дека нема демократско општество без слободни медиуми. Слободата на говор е темелна вредност и ние сме решени да ја унапредуваме и да гарантираме простор каде што секој новинар може слободно да праша, да истражува и да објави.
Нашата Влада е цврсто определена да биде партнер на медиумите. Работиме на постојано унапредување на правната рамка за независност на медиумите, вложуваме во дигитализација на јавните услуги за поголема транспарентност и отчетност, поддржуваме програми за новинарска етика и професионализација и го поттикнуваме регионалниот дијалог за слобода на медиумите преку заеднички конференции и иницијативи.
Нека оваа конференција биде уште една порака дека нашите општества избираат пат на дијалог, соработка и вистина. И затоа, вие не сте само сведоци – вие сте градители на иднината.