Skip to main content

Антикорупционерката не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација

Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот “Адитив“ не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.

Димитровска, вчера беше изведена пред Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, кој одлучувајќи по предлогот на Обвинителство, и определи мерки за претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности. 

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера информира дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица – вработен во едно од обвинетите правни лица, кој се товари за Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, додека едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино и за актуелната претседателка на ДКСК се сомничат за кривичното дело Oддавање службена тајна.

Новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата во Собранието беше изгласан на 22 декември 2023 година со 97 гласа „за“, а свечена заклетва членовите дадоа на 8 февруари минатата година.

Татјана Димитровска, која е дипломиран економист беше избрана за претседател на Комисијата. До изборот, таа била вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР).

За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат.

Судија на претходна постапкапостапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК им определи мерка притвор и мерки на претпазливост, на тројцата осомничени, со кои беше проширена истрата за „Адитив“.

-Односно, против Б.Н. осомничен за кривичните дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3  од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело Oддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Според Обвинителството, првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

Второосомничената, во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.

Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.

-Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК, потенцираат од Обвинителството.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.

Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.

Поврзани вести