Skip to main content

Андоновски: Дигитализација и сајбер безбедност ќе бидат дел од стратешкиот дијалог

МИА

Владата вложува во зајакнување на сајбер безбедноста преку формирање нов Владин центар за одговор на сајбер инциденти, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Отвораме Владин центар за сајбер инциденти, преку кој во реално време ќе можеме да следиме што се случува во областа на сајбер безбедноста и навремено да реагираме на потенцијалните закани“, истакна министерот Андоновски.

Одговарајќи на прашање за значењето на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, која ќе се одржи идната недела во Вашингтон, а на која дел од македонската делегација ќе биде и министерот Андоновски, тој нагласи дека ова е исклучително важен дипломатски и стратешки процес за државата.

Ние ќе бидеме единствената европска држава која оваа година ќе одржи втора сесија од Стратешкиот дијалог. Можам да кажам дека веќе имаме одлична соработка со Соединетите Американски Држави во областите што јас ги покривам, а тоа се дигитализацијата и сајбер безбедноста. За време на мојата посета во јануари, на највисоко ниво во Стејт департментот разговаравме за прашања поврзани со соработката со Македонија, предизвиците во сајбер безбедноста, дигиталната инфраструктура и размената на информации за потенцијални ризици во сајбер просторот. Очекувам од овој Стратешки дијалог да произлезат конкретни точки што ќе значат подобрување на можностите за македонските граѓани, за македонската економија, како и за соработката меѓу институциите, со многу конкретни придобивки за двете страни“, изјави Андоновски.

Министерот посочи дека сајбер нападите денес сè почесто се користат како алатка за водење асиметрични војни, како од државни, така и од недржавни актери. Тоа, како што рече, значи насочени напади во сајбер просторот кон критичната инфраструктура, која не ја опфаќа само цивилната, туку и здравствената, образовната и другите клучни области.

Со средства од Европската Унија и со национално кофинансирање, вложивме околу 1,5 милиони евра во новиот Владин центар за одговор на сајбер инциденти, кој наскоро ќе биде отворен. Центарот ќе овозможи следење во реално време и брз и координиран одговор на сајбер нападите“, рече Андоновски.

Со овој центар, како што најави министерот, институциите ќе добијат посилен и поефикасен капацитет за справување со сајбер заканите и инцидентите, кои во последните години стануваат сè почести и пософистицирани.

Во своето гостување, министерот Андоновски зборуваше и за Електронската архива и менаџмент на документи (еДМС), како и за новите електронски услуги на Националниот портал за услуги, кои имаат цел да го олеснат секојдневието на граѓаните, да ја зголемат ефикасноста на институциите и да придонесат кон побрзи, поедноставни и подостапни јавни услуги.

Поврзани вести