
Алијанса за Албанците поднесе иницијатива до Уставен суд за оценување на уставноста на законските решенија од пакетот „Сејф сити“, и тоа на самиот ден на нивното стапување во сила.
Како што соопштија од партијата, иницијативата е поднесена со цел законите да важат подеднакво за сите граѓани и на целата територија на државата.
Адвокатот Абидин Абдули, ангажиран од Алијансата за Албанците, изјави дека оспорувањето на законите било најавено уште при нивното донесување во Собранието.
„Како што најавија нашите пратеници од собраниската говорница, законите од пакетот „Сејф сити“ ќе бидат оспорени пред Уставниот суд на денот на нивното стапување во сила. Овие иницијативи ги поднесовме со цел секој закон да важи за сите граѓани, на целата територија на Република Македонија“, изјави Абдули.
Во врска со изјавите на лидерот на партијата Зијадин Села, пратеникот Халил Снопче, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека сериозноста на проектот „Сејф сити“ треба да се мери преку конкретни правни постапки, а не преку политички изјави.
„Членот 9 од Уставот гарантира еднаквост за сите граѓани. Спроведувањето на законот само во три града не е еднакво и не обезбедува униформност. Нашиот пратеник Ријад Шаќири од собраниската говорница најави дека Алијансата за Албанците ќе поднесе иницијатива, додека Зијадин Села не беше присутен за време на гласањето на законот“, рече Снопче.
Од Алијансата за Албанците нагласуваат дека секој закон мора да биде правичен, еднаков и да обезбеди исти права за сите граѓани, без исклучок.

Македонски



