
Уредникот на ТВ 21, Ерол Шакири, излезе со апел на неговиот фејсбук профил, откако во јавноста се проширија видеа од огномет преку кои веднаш се подгрева меѓуетничка тензија, со тврдења дека истиот го пукаат Албанци и дека има прослава во овие големи денови на жалост во земјава.
„НЕ ПОТПАЃАЈТЕ НА ПРОВОКАЦИИ!
Огнометот е подметнат, не е забава, не е свадба, туку е ПОДМЕТНАТ, а целта е очигледна. Има јасна снимка на која се гледаат две лица како го поставуваат, го палат и веднаш со мотор го напуштаат местото. Драги сограѓани, како и што порачаа учениците од Тетово, „можеби зборуваме различен јазик, но плачеме исто“. Албанците на овие простори можеби најдобро знаат што е тоа неправда, што е тага, болка и во овие тешки моменти сме заедно, сме биле и ќе бидеме. Целиот мој живот се борам за меѓуетничка толеранција и соживот, не може оваа држава да опстои ако не сме заедно. Ифтарот во Кочани го започнав со вода, солзи, молитва за жртвите и семејствата и кутија цигари, низ цела држава, во сите верски објекти, во сите куќи мислите и молитвите се за кочанчани. Ако постои Албанец кој се радува на оваа трагедија, тој не е Албанец, тој не е човек, како што не е човек ниту пак е Македонец тој што за изгорените Албанци во другите трагедии велеше „ХХ Шиптари помалку“. Престанете со инсинуаци дека огнометот доаѓа од место каде живеат Албанци, „еве ги Албанците слават“. Албанците не слават, туку плачат, како и сите други во оваа земја. МВР мора под итно да ги пронајде овие лица, но што е поважно, да ги пронајде нарачателите, затоа што не мислам дека на „Петко и Станко“ или „Африм и Илир“ им текнало ајде огномет ке палиме. Колеги, во ова лудо време на социјални медиуми каде лажната вест се шири како канцер, каде имаме нација со најголем процент на медиумска неписменост, дајте ве молам да бидеме совесни, дајте да го зачуваме и тој малку кредибилитет што ни останал. Не верувам дека народот ќе падне на вакви провокации, но сепак мораме сите заедно да бидеме сигурни дека тоа ќе биде така. Ако не, тогаш другари, дајте, не да го исклучиме светлото, туку да го извадиме штекерот. напиша тој на фејсбук.