Skip to main content

Златко Теодосиевски: Македонската фотографија е апсолутно маргинализирана

Четиритомното издание „Пролегомена за македонската фотографија“ е прв проект кај нас посветен на историскиот развој на македонската фотографија во периодот 1855-2020 година. Низ критичка евалуација на процесите и творештвото на бројни македонски фотографи, како и соодветни компаративни согледувања, авторот, Златко Теодосиевски, историчар на уметност, критичар и публицист,  ги следи креативните раскрилувања на македонската фотографија кај нас и нејзиното макотрпно етаблирање во редот на визуелните уметности во Македонија.

Повод за нашиот разговор беше промоцијата на овој проект, единствен по својот опсег за историскиот и естетскиот развој на македонската фотографија од 1885 до 2020 година.

Вие долг период бевте посветени на творештвото на низа истакнати македонски ликовни уметници, но и промоција на средната и помладата генерација автори кои ги негуваат и класичните и концептуалните ликовни дисциплини. Да ги споменеме вашите монографии за Благој Чушков, Илија Кочовски, Глигор Чемерски, Жарко Јакимовски, но и на помладите Страхил Петровски, Пандора и Сашо Саздовски итн. Од кога постои вашиот особен интерес и кон фотографијата како медиум?

Мојот интерес за фотографијата датира многу одамна, од седумдесетите години на минатиот век и членувањето во тогашниот Фото клуб „Вардар“ во Скопје. Но таа, би рекол директна инволвираност во креативниот фотографски процес не траеше долго и премина во делот на мојата професионална преокупација како историчар на уметност и критичар. А тоа се веќе четириесетина години следење на развојот (не само) на македонската фотографија, па и пријателување со голем број македонски фото уметници. Оттука, овој четиритомен проект посветен на историјата на македонската фотографија не е случаен или инцидентен.

Колку долго бевте посветени на овој ваш труд?

Директно, како работен процес, пет-шест години односно по една година за една книга и првата година (2020 г.) како подготовителна. Всушност, иако за ваков проект размислував подолго време, заминувањето во пензија ми овозможи доволно слободно време, што беше важен предуслов, а потоа и дискусиите со фото уметникот Александар Кондев за состојбите во македонската фотографија, за нејзиното маргинално место во македонската култура, за појавата на некои текстови што погрешно ја интерпретираа, дури ја понижуваа македонската фотографија итн. Како некаков „заклучок“ од тие разговори произлезе концептот за првата книга, а потоа „приказната“ самата се ширеше, наложуваше нови и нови истражувања и интерпретации, претставување на поголем број на македонски фото уметници и следење на временската линија итн. Кога така ќе се развие процесот, тој самиот по себе „ве влече“, не ве остава мирен и не дозволува „дупки“ во приказната.

Според сите ваши истражувања во овој ваш најнов проект, историјата на македонската фотографија не секогаш зависи од социо-економските состојби, дека авторите се автохтони во својот занает и креација?

Како и кај секоја друга уметност, и кај фотографијата авторот е автономен во креативниот процес и делото зависи само од него. Социо-економските и општествените „сили“ се појавуваат како фактор подоцна, некогаш и клучен. Најдобар пример за тоа е токму македонската фотографија. Генерации и генерации македонски фотоуметници создавале дела коишто потоа не биле на задоволителен или на соодветен начин вреднувани од општеството и институциите. Зошто? За тоа постои цела низа причини, меѓу кои најважни се некомпетентноста, неукоста, незнаењето, непрофесионалноста… Ние сме во тоа вистински шампиони, такво нешто не постои во друг дел на Европа, па и на Балканот.

Значи, да продолжам со одговорот на прашањето: секако, во еден голем дел, резултатите од креативниот процес зависат од социо-економските состојби во општеството. Но, од друга страна, и повторно како пример ја земам македонската фотографија, тие не-услови односно лошите социо-економски состојби не можат целосно да го сопрат креативниот процес. На пример, на тлото на Македонија во далечната 1855 година, значи во крајно лоши социо-економски услови, во ропство и сиромаштија, сепак се појавува нов креативен медиум диктиран од интересот на поединци, но и заради потребите на граѓанската средина. Но, се разбира, и јас немам заблуди во тој поглед, во времето на појавата на фотографијата кај нас, таа не била посматрана, па ни третирана како уметност. Дури ни од браќата Манаки. Не постоела таква свест за фотографијата или таа била минимална. Но подоцна, со појавата на генерацијата на Дрнков, Иванов, Попов, Билбиловски, Величковски, Аќимовиќ…, со организирањето на првите фотографски изложби, фотографијата исчекорува од занаетчиската анонимност и полека се стекнува со статусот на јавна, граѓанска уметност. Или, подобро кажано: за фотографската креација, како и за секоја друга, не се особено важни општествените услови, но тие се многу значајни за понатамошниот статус и развој на уметноста / фотографијата. А тие, историски гледано, не беа наклонети на македонската фотографија.

Историски потсетувате дека фотографијата е и визуелен момент „откинат“ од една реалност, но и документ што потсетува, трае, а во исто време може да се „исчитува“ естетски.

Па фотографијата го започнува својот живот како „откината реалност“, како „миг за вечност“ или, како што, фотографирајќи, велел Милтон Манаки: една за мене, една за историјата. Што ќе рече дека фотографите биле свесни за историското и документаристичкото значење на нивната работа. Како впрочем и за нивната граѓанска улога во портретирањето на сонародниците, на важните настани и слично. „Естетскиот миг“ (не само кај нас) доаѓа малку подоцна. И тој препознаен „естетски миг“ многу бргу ја вброи фотографијата во светот во редот на визуелните уметности. И, впрочем, многу рано ја смести во музеите. На пример, Викторија и Алберт музејот во Лондон започнува да ја колекционира фотографијата уште од 1853 година! Во 1865 година истиот музеј откупува 89 фотографии од Маргарет Камерон. За жал, кај нас, одредени „стручни“ кругови и денес говорат само за нејзината техничка, документаристичка страна, и ѝ одрекуваат секаква естетичност или креативност. Што е нонсенс, се разбира.

.

Каде сме, историски гледано, во однос на другите земји во Европа со развојот на фотографијата?

Иако македонската уметност веќе од деведесетите години на минатиот век започна галопирачки да заостанува зад значајните трендови во европската и светската уметност, фотографијата не назадуваше толку многу. Можеби и заради самата природа на медиумот, но и заради љубопитноста и инвентивноста на некои македонски фото уметници. Она што на фотографијата кај нас ѝ недостасува(ше) е контакт со светот, поголем број на изложби од светски мајстори, размена итн. Интернетот надоместува дел од тој проблем, но „живиот“ контакт е сепак нешто друго. Од друга страна, фотографијата заостанува и заради малата платежна моќ на уметниците – современата фото опрема е исклучително скапа! – а евидентно назадување е видливо во организацијата на и онака малиот број на домашни фото изложби. Ако ги споредите начините на експозиција на фотографските изложби во европските центри со оние кај нас, ние сме децении назад. И конечно, ние сепак немаме ниту уметнички пазар, особено не за фотографијата! 

Често во врска со фотографијата се споменува терминот маргинализирана уметност, колку за тоа сносат вина самите автори, а колку соодветната критика?

Македонската фотографија е апсолутно маргинализирана и тоа, генерално, е вина на непрофесионалноста на македонските уметнички институции и нивната неподготвеност да се носат со развојот на фотографијата кај нас. Тие не умееа, прво, да ја дефинираат фотографијата како дел од визуелните уметности, а потоа и да го согледаат значењето на овој медиум во национални рамки, да ја согледаат автономноста на медиумот, уште помалку да расправаат за квалитетот на фотографијата итн. Заради нивните заблуди и нејасното потценување на оваа уметност, македонската фотографија беше/е речиси целосна енигма за Европа, па и за помладите генерации историчари на уметност во некогашните југословенски републики. Додека сите други ја проучуваа фотографијата, ја колекционираа и издаваа монографии, ние такаречи вчера – после цели 80 години од постоењето на државните македонски институции и Фото сојузот на Македонија, ја добивме првата монографија за македонската фотографија.

Сакам да кажам: и македонските фотографи имаат свој дел во вината за состојбите. Но, колку што ги познавам, тие како да чекаа историјата на уметноста да си ја заврши работата, па и нивната, а тоа не се случи. Во Македонија, во сите области, па и во уметноста, човек мора да биде настојчив, наметлив, дури арогантно агресивен, за да го добие заслуженото место. Инаку сте поклопени од неквалитетот, од клановските врски, од негрижата… Дури, некои (наводно елитни) македонски уметнички институции се дрзнаа да промовираат во Европа македонски филмски режисери како фотографи иако за нив фотографијата е само прозаична туристичка забава, заборавајќи притоа дека во нивната држава работеле, и работат, врвни фотографи со меѓународни портфолија! 

Како во овие современи услови на недостаток на соодветната критичка мисла, сметате дека е можно фотографијата да биде подостапна до публиката и пошироката јавност, но и другите ликовни дисциплини?

Критиката е многу важен дел од уметноста, но кај нас таа веќе со децении не постои. За жал, се разбира, но македонските медиуми сметаат дека критиката треба да биде волонтерска, а не и финансиски обештетена активност на критичарот. Тоа го нема никаде во светот. Но ние сме, нели, познати по „оригинални“ решенија. Но, понатаму, фотографијата, прво, мора да биде присатна во јавноста преку (барем) двојно повеќе квалитетни изложби во македонските институции, на еднакво рамниште со другите визуелни уметности и да е еднакво (финансиски) вреднувана. А потоа, македонската култура мора да работи многу повеќе и покомпетентно на промоцијата и популаризацијата на фотографската уметност. Тоа е нејзин долг кон овој медиум.

Дали фотографите и уметниците кои ја користат фотографијата се снаоѓаат во овие, за нив, не баш, благопријатни услови за промоција на нивната идеја во добивање на средства од институции, фондации..?

Не, не баш. Уметникот во принцип е „неснаодлив“ во тие игри, а таков и треба да биде. Зашто не е негова работа да трча по пари, да се додворува на политичари или на директори на институции, да моли и преколнува некакви полуписмени бирократи итн. Нивна работа е да се посветат на уметничката креација, а критиката, институциите, надлежните државни органи, општеството…, да го препознае и вреднува квалитетот на нивната работа. Ако го има, секако. Некому ова ќе му заличи на идеализирана верзија на односот уметник-држава, но нема друг, или нема подобар. А во вакви држави како нашата тоа е верзија без којашто не се може напред. Квалитетот, не само во уметноста, е услов без којшто не се може!

Зошто сметате дека фотографијата е релевантна за една нација, држава?

Фотографијата е релевантна за една нација, држава, толку колку што е релевантна и секоја друга уметност односно нејзината култура. Тоа, впрочем е и цивилизациски дострел на една држава, нели. Е тоа ние не успеавме да го согледаме и денес си ги плаќаме долговите светот да не знае дека постои нешто што се вика македонска фотографија. А таа постои уште од 1855 година и зографот и фотографот Хаџи Косте Крстев – без оглед што до сега немаме сочувани фотографии од него – но некој не си ја сработил професионално својата работа за којашто бил со години плаќан од државата. А нивното, на тие луѓе, оправдување беше/е дека фотографијата и не е толку важен дел од уметноста на една култура, на една нација/држава. Тие дури и не разбираат колку грешат!  

Подготви:

новинар: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести