
Според статистиката на НУ „Стоби“, во 2025 година бројот на странски туристи бил повеќекратно поголем од домашните. Вкупниот број посетители на Стоби во текот на минатата година изнесувал 18.667, од кои 11.994 биле странци и само 1.703 домашни посетители. Овој наш најголем археолошки локалитет, сепак, бил посетен од младите, па така, 4.970 деца го посетиле и се запознале со неговото културно наследство преку училишни екскурзии или преку прошетка со родителите.
Сепак, се поставува прашањето која е причината за толку малиот интерес на домашните посетители, кои наместо да ја запознаат својата држава и да дознаат нешто повеќе за нејзината историја преку посета на локалитетот, го одминуваат без да застанат. Токму овој тренд ги загрижи надлежните во оваа национална установа, кои решија да го афирмираат Стоби преку апелите за негова посета.
И во изминатите петнаесет години бројот на странски туристи бил поголем од домашните, но разликата не била голема. Изненадени сме од статистиката од минатата година и се обидуваме да ги сумираме впечатоците и причините. Можеби, дел од причината е зголемувањето на цената на билетите, но направивме мало истражување на цените на билетите на локалитетите и музеите во околните држави, кои се движат од 2,5 до 10 евра и повеќе, па така нашиот билет за возрасни лица од 300 денари, односно 4,87 евра е нa средина. За посета на Пела и на археолошкиот музеј, треба да одвоите 18 евра, за Бутринт во Албанија 10 евра, а само за театарот во Пловдив – 2,5 евра. Треба да имаме предвид и дека едно кафе во центарот на Скопје или на Охрид чини од 100 до 150 денари. Нудиме попусти за групи над 10 лица, како и за посета во зимскиот период меѓу ноември и април. Исто така, секоја прва недела во месецот и за меѓународните празници влезот е бесплатен, додека билетите за деца и за пензионери чинат симболични 60 денари – вели Силвана Блажевска, директорката на НУ „Стоби“ за весникот Вечер.

Македонски




