Skip to main content

Во МНТ почнаа пробите за претставата „Син понеделник“ во режија на Борјан Стојков

Марко Марјановиќ

Во Македонскиот народен театар (МНТ) започнаа пробите за претставата „Син понеделник“ од Калија Киселичка и во режија на младиот Борјан Стојков. Претставата е копродукција помеѓу „Перипетија Продукција“ и МНТ и во соработка со студиото за актерска игра „Прва проба“. Премиерата е предвидена за март 2026 година.

Проектот е резултат на повеќегодишниот истражувачки процес во рамките на проектот „TRY – Театарот ги обединува младите“, кој се фокусира на прашањето: „Што се парите и какво влијание имаат врз начинот на кој се доживуваме себеси, другите, општеството и планетата во која живееме?“

„Син понеделник“ се реализира како необичен спој помеѓу младите театарски актерки: Јана Вељановска, Ана Јовановска, Ирена Димеска и Нела Павловска и младите изведувачи: Ана Бимбилоска, Катја Велјаноска, Мина Гјаку, Саша Димитриевска, Андреа Зорзиќ, Елена Кочарева, Ана Марија Марковска, Сара Марковска, Тео Манев, Павел Николоски, Јана Рилкова и Леа Стојков.

Сценографијата ја потпишува Мартин Манев, композитор е Симон Пеоски и асистент на режија и сценски движења е Дамјан Цветановски.

Претставата ја следи кревката, но жестока транзиција на три девојки од Скопје, од адолесценција во светот на возрасните. Тие се фатени во моментот кога растењето повеќе не е избор, туку нужност. Претставата зборува за локални и современи проблеми, кои пред сѐ, се проблеми на мојата генерација, а со тоа сметам дека стануваат универзални“, вели режисерот Стојков.

Програмата „TRY – Театарот ги обединува младите“ е меѓународен проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на ЕУ и Министерството за култура и туризам во соработка со МНТ. Во проектот учествуваат уште четири организации од Србија, Чешка, Грција и Македонија: „Eho Animato“, „Peripetija Production“, „ArtCanAct“, „Tri Groša“ и „ViceVersa“.

Поврзани вести