Skip to main content

Во Драмски театар почнаа пробите за „Куршуми над Бродвеј“ во режија на Ненад Витанов

Драмски театар / Актерите Александар Степанулески, Сашо Тасевски и Александра Павлова Бубања

Во пресрет на новата театарска сезона, во Драмски театар Скопје денес се одржа првата проба на претставата „Куршуми над Бродвеј“. Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, му посака добредојде на режисерот Ненад Витанов, а на колегите им посака успешен процес на подготовка на четвртата претстава од годинешната програма на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Во претставата „Куршуми над Бродвеј“, во режија, драматизација и адаптација на Ненад Витанов, костимографијата ѝ е доверена на Елена Вангеловска, сценографијата на Филип Витанов, а за кореографијата е задолжена Маја Каревски.

Улогите ги толкуваат актерите на Драмски театар: Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Александра Павлова – Бубања, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Роберт Вељановски, Златко Митревски, Ања Митиќ, Денис Абдула, и двајца гости – студенти по актерска игра. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска.

Режисерот Ненад Витанов и актерите Игор Стојчевски и Сашо Тасевски / Фото: Драмски театар

Работењето на претставата „Куршуми над Бродвеј“ е второ гостување на режисерот Витанов во Драмски театар. Тој денеска, на првата проба, истакна дека „Куршуми над Бродвеј“, или приказна за моралните и реалните „убиства“ зад сцената, е негова драматуршка обработка и адаптација на познатиот филм „Куршуми над Бродвеј“, напишан од генијалниот Вуди Ален и Даглас Мекграт. Филмот бил номиниран во седум категории за наградата „Оскар“, меѓу кои и за најдобро сценарио.

Во експликацијата за претставата, Витанов потсетува дека огромниот успех на филмот во кино-салите бил инспиративен за создавање и неколку адаптации за театар, од кои некои дури ја надминале популарноста на оригиналното дело.

Карактеристично за делата на Вуди Ален е тоа што преку забава ја доведуваат комедијата до најдлабоките филозофски теми. Често, низ призмата на иронијата и цинизмот, помешани со автобиографската невроза, Вуди Ален го пласира сопственото гледиште на одредени теми, вели Витанов.

Оваа пиеса го истражува моралот на еден млад уметник, инспириран од ничеанскиот морал, каде волјата за создавање уметничко дело не признава компромиси и конвенционални ограничувања. Уште на самиот почеток, група уметници, во нивните средби и бескрајни разговори за уметноста, го поставуваат клучното прашање: „Во зграда што гори, можете да спасите само едно нешто – обично човечко суштество или единствениот примерок на собраните дела на Шекспир?“

Во краткиот опис на содржината на претставата „Куршуми над Бродвеј“, главниот лик е Давид, млад идеалистички настроен драмски писател, кој неодамна влегува во „големиот бизнис“ на создавање претстави. Тој очајно се обидува да најде театар кој ќе ја продуцира неговата најнова драма. Директорот на театарот, каде што ја поставил неговата последна драма со слаб успех кај критиката и публиката, добива неочекуван повик од локалниот мафијашки бос. Имено, мафијашот Ники сака да ја финансира претставата, но има само еден услов – неговата девојка и поранешна стриптизета, Оливија, да ја добие насловната улога. Давид склучува фаустовски пакт – ја продава својата душа за своето дело, со цел тоа да живее.

Премиерата на новата претстава „Куршуми над Бродвеј“ е планирана за втората половина на октомври.

Поврзани вести