Skip to main content

Во Битола промовирана книга „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ од м-р Љупка Стефановска

Книгата „Етнокореолошки аспекти за фестивалските сцени“ е мојот обид да го забележам патот  од минатото до денес, од земјените сцени до светлечките рефлектори, од народната игра до сценската адаптација и кореографија, истакна авторката м-р Љупка Стефановска на промоција во Битола.

Љупка Стефановска, долгогодишна активна членка на КУД „Илинден“ – Битола, денес професионалец во НУ Центар за култура-Битола, мотивите за пишување на делото ги воочи низ настапите на сцената како изведувач, уметник, а сега и како истражувач и етнокореолог.

Ова дело е резултат на долг процес, на љубов, но и на прашања. На желба да разбереме зошто сцената има толкаво влијание врз тоа како ја пренесуваме традицијата, и што значи тоа за иднината на фолклорот. Се надевам дека оваа книга ќе отвори дијалог, ќе поттикне размислување и ќе ни помогне на сите, и уметници, изведувачи, стручни лица од областа на фолклорот, и културни работници, да ја разбереме сцената не само како место, туку како културен чин, жив документ на едно колективно паметење, посочи Стефановска и порача секој да продолжи со проучување на македонското богатство, да се остави како документ сведоштво.

Книгата „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола ја промовираа менторот на Стефановска, универзитетскиот професор д-р Владимир Јаневски и рецензентите, м-р Валентин Соклевски и м-р Христијан Николовски.