
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје е значајна како институција која ја има својата примарна функција на заштита на македонското национално книжевно богатство.
Нашето културно наследство како книжевен фонд е нашиот идентитет како држава, вели Јовица Никчевски директор на НУБ „Свети Климент Охридски“. Не е можно држава без национална библиотека, а во нашата држава тоа е НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Националната библиотека игра клучна улога во зачувување и промовирање на идентитетот, како и во однос на зачувување на македонскиот јазик, потенцира Никчевски.
Додава дека нивниот книжевен фонд кој постојано се збогатува постои уште пред 80 години кога директор бил велешанецот проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов. Фондот во војната се пренесувал во манастири и други места, а потоа и за време на поплави и земјотреси , а се со цел да се зачува како национален книжевен фонд на Македонија.
Претходното раководство на Министерството за култура немало „сенс“ за проектот COBISS. И покрај децениско функционирање на овој проект, договорот е потпишан во 2004 година, а првпат во 2024 година се случи да не добијат пари за овој проект што значи дека целата библиотечна дејност, не само НУБ „Свети Климент Охридски“, туку сите библиотеки во земјава, нема да функционира.
Тој информира дека во моментот имаат над 3 милиони библиотечни единици и над еден милион дигитални единици, односно дигитален фонд.
Дел од македонското културно наследство се словенски ракописи од 13 век кои се најстарите зачувани ракописи кои ги поседува НУБ „Свети Климент Охридски“, воедно поседуваат и стари печатени ретки книги од 1800 – тата и некоја година.