Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Овој буџет, кој е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, јасно ја покажува нашата определба за интензивирање на поддршката во културата и уметноста. Во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објавиме посебен конкурс во периодот што следува, истакна денеска министерот Љутков на прес конференција.
Во однос на распределбата на средствата, би сакал да ве информирам дека Министерството за култура и туризам оваа година стави акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини, секако, не на сметка на другите корисници кои со своите активности квалитативно партиципираат во културниот живот. Во оваа смисла, сакам да потенцирам дека во овие изминати месеци, направивме сеопфатен увид во културата, особено на состојбите во Националните установи. Она што со сигурност можеме да го потврдиме е дека Националните установи се целосно девастирани! Од оваа година, и во следниот период, Министерството за култура и туризам ќе се посвети на целосно враќање на сјајот на Националните установи, како програмски, така и во делот на инвестициско-техничко одржување и кадровско екипирање!