
Учениците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ денеска во салата на „Киноверзум“ во Велес организираа филмска проекција на својот краток филм насловен како „Неизговорено“, дело што на исклучително чувствителен и автентичен начин проговорува за потребата од безбедна и поддржувачка училишна средина. Овој креативен труд на младите не користи многу зборови – туку дозволува тишината да ја пренесе најсилната порака ,информираат од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“.
Оттаму појаснуваат дека филмот испраќа силна порака дека секое дете и секој млад човек има право да расте, учи и живее во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Нивниот повик е јасен – во општеството мора да владеат емпатијата, разбирањето и заедништвото како основа за позитивни вредности.
Во животот многу работи ќе останат неизговорени, но, младите нема да дозволат да остане неизговорена нивната потреба и право да бидат еднакви, слободни и прифатени од другите и од општеството. Преку филмот „Неизговорено“ тие ни покажаа дека не секогаш се зависи од нас, но ние можеме со нашите постапкида бидеме пример за другите и да ги охрабриме да се соочат со себе си, со животот и со општеството, велат од ова велешко училиште.
Краткиот филм „Неизговорено“ е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, имплементиран од Првата Детска Амбасада во светот – Меѓаши, со финансиска поддршка од Детската фондација „Песталоци“. Проектот се реализира во партнерство со Коалицијата на младински организации – СЕГА, Лабораторија за социјални иновации – Смарт АП и Македонскиот центар за граѓанско образование.