
На 9 јули, срцето на градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички open air фестивал „Звукот на Скопје”, во организација на Културно информативен центар – Скопје.

Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. „Звукот на Скопје” не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот.
Оваа година, на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер.
Пред самиот почеток на Фестивалот разговаравме со Антонио Димитров, директор на КИЦ-Скопје.

Пред нас е ново издание на манифестцијата „Звукот на Скопје“. Што да очекува публиката, какви содржини предвидовте за реализација и имаше ли некакви предизвици во погледа на подготовка и реализацијата на планираното?
Повторно сме фокусирани на свежа музика, а како хедлајнери на фестивалот ги најавуваме Педро Хоризонте. Тоа е новиот бенд на Пеце од веќе добро етаблираните „Суперхикс“. Тукушто издадоа албум, па ќе биде една навистина свежа промоција на албумот на голема сцена. Пеце е доста активен и добро познат на сцената, па очекуваме навистина добра свирка. Како загревање ќе настапи мултиталентираниот Мартин Џорлев, кој иако е млад, има доста проекти зад себе, но тука ќе настапи со својот соло проект и со неколку гости како Мартин Георгиевски. Во салон 19:19 ќе се реализира концерт на „Езгија квартет“ на Филип Шурбевски. Секако тука ќе бидат и изложбите, книжевните настани, саем на книга, со што ќе ја докомплетираме програмата.
Класични предизвици можеби немаме, затоа што сме веќе добро уиграни, единствено може да го споменам поместувањето на терминот на реализација од септември за јуни поради низа фактори. Прв фактор се изборите кои ќе се одржуваат на есен. Не сакам повторно да дојдеме во ситуација да не блокираат со бирократски процедури и да не можеме да реализираме настани како што се случи пред парламентарните избори минатата година, а реално и фокусот на граѓаните ќе биде насочен или кон изборите или кон одморите кои уште не се завршени. Исто така има доста настани тој период со кој би се преклопиле, па сметав дека е посоодветно да го поместиме за на лето. Сепак се смета за летен фестивал на отворено. Други посериозни предизвици немавме, а олеснителна околност е што сега го правиме фестивалот на наш терен, па тоа ни ја олеснува организацијата од логистички аспект.

Изминатиов период недостигаа сретства за проектите кои ги реализиравте во КИЦ-Скопје. Како се справивте со тоа? Како се функционира во такви услови, а сведоци сме дека се одржаа изложби, промоции на книги, еве последна е Денови на македонска фотографија …?
Ништо ново. Културата е секогаш последна, посебно кога се финансиите во прашање, иако се работи за темелот на општеството. Секогаш кога се крати, се крати од културата, па веќе неколку години функционираме со минимум сретства. Дури и во такви услови реализираме програма. Како успеваме? Па исто како да сме независна сцена, а не институција. Со туркање и импровизација. Сепак има уметници кои сакаат да изложат или да свират, па некако правиме програма и успешно ја реализираме и покрај сите кочници. Но, не е тоа поентата. Сепак се работи за уметници кои живеат од својата уметност и треба соодветно да се платени за тоа, а не да работат во маркет за да можат да обезбедат егзистенција, а во слободно време да се уметници.
Уметноста и културата треба да се третираат еднакво со образованието, затоа што го оплеменуваат духот, но забележувам се помалку интерес кон културата што е трагично по општеството. Доколу го подривате темелот на општеството, не можете да очекувате образувана и воздигната младина. Резултатот го гледаме секојдневно околу нас. За жал не гледам некој прогрес во менувањето на менталитетот околу ова прашање и дека ситуацијата со перцепцијата на културата ќе се смени, но што е тука е, ние ќе продолжиме да се бавиме со нашиот повик и ќе се бориме како знаеме и умееме.

Поголемиот дел од институциите од култура имаат проблем со недостиг на кадар…Каква е состојбата во КИЦ-Скопје?
Недостигот на кадар е сериозен проблем со кој се соочуваат сите институции и целокупната култура, а на тоа никој не обрнува сериозно внимание. Доколку нешто итно не се преземе, ќе се соочуме со тивко згаснување на истите. Во моментов не гледам некаква надеж дека нешто ќе се смени и ќе бидеме принудени и понатаму да импровизираме, а културата да го губи своето значење. Во моите три години на оваа функција тимот се преполови, значи од 20 се сведовме на 10, и трагедијата да биде поголема, во пензија отидоа клучни позиции, со што веќе не сме во можност нормално да ги изведуваме тековните активности. Лошо е што ние не сме единствените во ваква ситуација. Што ќе биде понатака и како ќе се справи културата со овој сериозен проблем е прашање што треба да го поставите на Министерството за финансии кои ги блокира одобрувањата за нови вработувања.

Каква програма планирате за до крајот на годината? Што би издвоиле како особено значаен настан? Или би го препорачале?
Како дел од Ликовниот сектор веќе помина изложбата на слики на Благојче Наумовски Бане, изложбата на Илија Спасовски – Чендо е во тек. Сега ја отворивме изложбата на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, а во јули ќе се отвори на Иван Ивановски. Во текот на годината меѓу другите предвидени се и изложбата на исталации на Христина Крстевска и скулптурите на српскиот скулптор Недим Хаџиахметовиќ. Тука се и групните изложби по повод наградата „Борко Лазески“, изложбата „Мал формат“ како редовна соработка со ДЛУМ, итн…
Што се однесува до Музичкиот сектор, ќе релизираме концерти на Никола Бочваров квартет, младиот вундеркид Арда Мустафаоглу, Вера Милошевска од „Љубојна“, Дуо Алембик и доста концерти на класична музика.
Во Литературниот сектор имаме промоции на книгите „Лингвистички предизвици“ од Бобан Карапејовски, „Семонимите во македонскиот јазик“ од Емил Ниами, промоција на деби изданието „Индиго солзи“ од наградуваниот поет Нино Наумовски, промоција на „Проникнувње“ епистоларна проза од Епископ Дремвитски Давид (Нинов), тркалезна маса по повод книгата „И повторно политика, култура, идентитет“ од Ангелина Бановиќ…
Оваа година го активираме и драмскиот сектор, па ќе бидат реализирани и театарски претстави. Ќе реализираме неколку и тоа дуо драмата „СЕНКИ“ на Радо Алексовски, „Молкот на Марија Магдалена“ на „Театар за тебе“ и „Баба Рога“ на Театар „Златен Елец“, а ќе се резлизира и експерименталниот видео театарски проект КРИЕГ/А-Ц-И-Н–С-Е-Л-А-К-.

Подготви:
новинар, Невена Поповска
фото: приватна архива