
Во вторник, на 19 февруари 205 година, со почеток во 20:00 часот, во Изложбениот салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар во Скопје, ќе биде отворена изложбата на фотографии во рамките на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова.
Проектот „Вечни тела“ ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот и значењата што културата им ги припишува на возрасните и ја аргументира потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација.
Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.
Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски пак е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.
Од сите животни фази, староста најчесто е предмет на негативни општествени перцепции. Дискурсите за стареењето се врамени во тесни и бинарни начини на размислување. Првиот наратив го третира стареењето како процес на губење на продуктивноста, вредноста и убавината, при што телото се обезвреднува како изнемоштено, непродуктивно, пасивно и зависно. Вториот дискурс, пак, се однесува на позитивно и успешно стареење кое се користи со сите неолиберални императиви на капитализмот поврзани со младоста и продуктивните фази на животниот тек. Според него, успешно стареење значи да не старееш и да не се препознаваш како стар, бидејќи поимите за старост не содржат позитивна содржина.
Времетраењето на кариерата на културните работници, вклучително балетските уметници, често е условено од физичката издржливост и визуелната перцепција за телото оценето низ призмата на младоста и физичката привлечност. Оттука, изложбата „Вечни тела“ се осврнува на политичката димензија на телото во рамките на современите социјални и културни кодекси кои се однесуваат на уметничкиот труд, продуктивноста и возраста.
Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист; и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.
Проектот ги документира телата на уметниците во динамичен процес на изведба, го преиспитува начинот на кој општеството ја стигматизира нивната способност за делување и творење во контекст на возраста и ја проблематизира нивната невидливост на сцената и во јавниот простор. Суптилните гестови наместо отворен отпор не придвижуваат подалеку од она што е културно прифатливо кон ново разбирање на староста како сцена со свои фокуси, приоритети и делување.
Документираните движења на телото, кое има капацитет активно да се спротивстави и трансформира, освен што произлегуваат и го претставуваат самиот живот, го разоткриваат во рамки на делување на институционалните и економските механизми. Гестовите на танчерите откриваат што навистина се случува под површината на изгледот и генерираат нови визии за староста, раздвижувајќи ги телесните архиви и враќајќи ги невидливите тела на оние кои се занемарени во професијата во сферата на нашата социополитичка итност.
Натамошниот развој на проектот вклучува и јавни дискусии, разговори со балетските уметници, како и видеоматеријали со нивни сведоштва за професијата и за предизвиците со кои се соочувале во различни фази од својата кариера.
Проектот повикува на одговорност за тоа како можеме да ги интегрираме и вреднуваме сите аспекти на староста во нашето активно секојдневие и иницира солидарност меѓу генерациите. Токму од оваа перспектива, стареењето станува не само биолошки, туку и социјален и културно значаен процес кој еволуира низ индивидуални и колективни тела кон нови идеи и практики на грижа за тоа што значи да се создава и старее во современиот свет.
Проектот е поддржан од Културно информативниот центар – КИЦ.