Skip to main content

Триумф на „Без крв“ на наградите АСКЕЕР!

На годинешната свечена церемонија на најпрестижните театарски награди во Бугарија – АСКЕЕР, претставата „Без крв“ доживеа вистински триумф, освојувајќи неколку од најзначајните признанија на вечерта.

Копродукцијата на Драмски театар Пловдив и Театар Џинот – Велес, ја освои наградата за најдобра претстава – категорија која ја носи најголемата тежина и престиж во светот на професионалниот театар во Бугарија.

Режисерката Диана Добрева, позната по својот длабок и визуелно моќен сценски израз, беше наградена со АСКЕЕР за најдобра режија, уште една потврда за нејзината умешност да создава вознемирувачки и незаборавни сценски искуства.

Особено внимание привлече и визуелниот идентитет на претставата, за што се погрижија костимографите Раде Василев и Елена Вангеловска, кои ја понесоа наградата за најдобра костимографија, дополнително зацврстувајќи ја естетската сила на „Без крв“.

Претставата беше нотирана и со уште неколку значајни номинации. Композиторите Сашко Костов и Јавор Карагитлиев беа номинирани во категоријата за оригинална театарска музика, а Валентин Светозаров доби номинација за најдобра сценографија, со што уште повеќе се заокружува високиот креативен домет на овој проект.

Наградите АСКЕЕР се доделуваат од 1991 година од страна на Фондацијата АСКЕЕР, и денес тие претставуваат едно од најзначајните признанија за уметнички дострели во театарот, покривајќи широк спектар на категории, меѓу кои и режија, глума, музика, сценографија и костимографија.

Годинешното издание само ја потврди меѓународната соработка и креативниот потенцијал кој го поврзува регионот преку уметноста – со „Без крв“ како симбол на таа театарска сила.