
Советот за македонски јазик најостро реагира на последните случувања со Извештајот на Европскиот парламент, како на политичката дебата што претходеше така и на исфрлувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет од конечната верзија на Извештајот ставена на гласање.
На политичката дебата бевме сведоци на изблици на национализам и говор на омраза како од некои дамнешни, мрачни времиња и непризнавање на едно од основните човекови права за слободно изразување на својот мајчин јазик и на својот национален идентитет. Се чини дека некои држави, кои по разни начини станале членки на Европската Унија, а не со исполнување на бараните критериуми, навистина не заслужуваат да се наоѓаат таму.
Македонскиот јазик има вековен континуитет и своја историја, а се кодифицирал кога Македонците се избориле за својата држава во 1944 година, во рамките на југословенската федерација, како борци на вистинската страна на историјата. Македонците имаат право да се чувствуваат како Македонци и да зборуваат на својот мајчин македонски јазик и тоа не смее да биде предмет на никакви услови и преговори за влез во Европската Унија.
Впрочем, самата Европска Унија во својата Европска конвенција за заштита на човековите права, во Протоколот бр. 12 (кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи), во член 1 (Општа забрана на дискриминацијата) вели:
„1. Уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус.“ (с. 51)
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се наше неотуѓиво право и треба да претставуваат црвени линии преку кои не смее да се премине и не смеат да бидат предмет на никакви политички преговори.