
Со синоќешното свечено отворање во Сули Ан, во срцето на старата скопска чаршија, започна седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Амбиентот на културното наследство, светлината на фенерите, детскиот џагор и возбудата што се чувствуваше меѓу присутните придонесоа за магична атмосфера која совршено ја најави фестивалската програма.
Првиот фестивалски ден го обележа отворањето на две изложби кои сведочат за богатството и разновидноста на македонската илустративна сцена.
Особено внимание привлече ретроспективната изложба на доајенот на македонската уметност, Орде Манески, кој за првпат е претставен со засебна поставка на илустрации. Изложбата претставува ретко и вредно сведоштво за еден уметнички свет обликуван со прецизност, поетика и длабока чувствителност кон детската перцепција.
Урош Вељковиќ, еден од организаторите на фестивалот, во своето обраќање истакна дека покрај самата идеја за „Литера“, особено го радува моментот што фестивалот се случува во простор кој него, а верува и сите негови колеги уметници ги навраќа во студентските денови.
Дел од вчерашниот настан беше и синот на доајенот Орде Манески, Томе Манески, кој истакна дека делото на неговиот татко оставило неизбришлива трага во македонската илустрација, но и литература за деца. Исто така, посочи дека благодарение токму на него, тој од рани години се занимава со дизајн и графика, и целиот свој живот е опкружен со убавините на уметноста.
Во рамки на отворањето на фестивалот, се обрати и деканката на Факултетот за ликовни уметности, проф. д-р. Славица Јанешлиева.
„Гордост е да се соработува со фестивал како „Литера“, кој од година во година расте и ја вреднува квалитетната илустрација и литература за деца. Особено радува фактот што годинава изданието на овој фестивал е посветено на македонското творештво и авторите, од кои голем дел се и наши алумни и поранешни колеги.“ – изјави Јанешлиева и ја најави продлабочената соработка со „Литера“ во идните изданија и години.
Софија Семенпеева, креатор и организатор на фестивалот, на самото отворање го истакна зачетокот на идејата за „Литера“, која датира од 2003 година, како што вели таа.
„Токму во овој простор каде стоиме сега, уште во студентските денови кога почнавме да учиме илустрација, заедно со колеги кои и денес се со нас и нѝ помагаат во организацијата, се роди идејата за ваков фестивал. Уште од тогаш се стремиме кон афирмирање на квалитетната илустрација и квалитетните илустратори, кои можат да произлезат само од Академијата и знаењето стекнато тука. Сакам да им порачам на младите и надежни илустратори и уметници да имаат трпение за академското образование во полето на уметноста и да не ја избегнуваат Академијата за ликовни уметности, бидејќи само така ќе можат да понудат квалитет и да станат квалитетни кадри.“, посочи таа.
Во продолжение, беше отворена и изложбата на новите дела на современи македонски авторки и илустраторки: Софија Семенпеева Трајановска, Иванка НиБа и Анастасија Јованова. Тие преку своите сликовници покажуваат свежа визуелна естетика и оригинални наративни пристапи, нудејќи нов поглед на детската литература како простор за игра, истражување и емоционален раст.
Гостите на отворањето имаа можност да се запознаат со авторките, да ги погледнат изложбените поставки и да уживаат во топол, инспиративен почеток на уште едно издание на фестивалот што сѐ повеќе се афирмира како препознатлив културен настан со мисија да ја поттикнува визуелната култура.
„Литера продолжува и наредните два дена со богата програма полна со работилници, промоции и креативни активности, а вратите на Сули Ан остануваат отворени за сите љубопитни умови кои ја вреднуваат уметноста“, велат од тимот на фестивалот и ги покануваат сите љубители на уметноста да го посетат Сули Ан во текот на фестивалската програма.