
На 24 декември, на сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје, актерката Ана Левајковиќ-Бошков ќе одбележи 30 години актерска кариера, посветени на најискрената и најпребирливата публика – децата. Јубилејот ќе биде одбележан со изведба на култната претстава „Црвенкапа“, која годинава ја надмина бројката од 300 изведби.

Вработена во Театарот за деца и младинци од 1995 година, Ана Левајковиќ-Бошков во својата богата професионална биографија има остварено 56 улоги во матичниот театар, оставајќи длабока и трајна трага во македонскиот детски театар. Нејзината уметничка патека е обележана со исклучителна посветеност, искреност и љубов кон сцената, вредности што ја направија препознатлива и сакана од генерации публика.

Одбележувањето на јубилејот ќе помине во духот на благодарност и театарска игра – таму каде што сè започнало. Со денешната изведба на „Црвенкапа“, претстава што за неа претставува еден од нејзините „театарски животи“, Ана ќе прослави три децении љубов, упорност и уметничка мисија посветена на убавата страна на детството.


Македонски






