Skip to main content

Романот „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска и сликовницата „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски ја добија наградата „Штефица Цвек“

Романот „Тринаесеттиот“ од македонската писателка Лидија Димковска и сликовницата „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, во издание на „Гаврош“ се финалисти за регионалниот книжевен избор за најдобра книга „Штефица Цвек“. Романот на Димковска и сликовницата на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски се меѓу седумте добитници на признанието што се доделува по петти пат. Финалистите беа објавени викендов во Скопје, на книжевен настан што се одржа во КСП „Центар – Јадро“, на кој се обратија членовите на првото и на второто жири, составени од книжевници, критичари и уредници од регионот.

Избраните книги се разликуваат според темите, жанровите и поетиките, но ги поврзува способноста прашањата од непосредно општествено значење да ги преточат во уверливо книжевно искуство. Жирито особено ги вреднуваше делата во кои ангажираноста е видлива во перспективата од која се раскажува приказната, во јазикот, композицијата, изборот на раскажувачките постапки и односот кон ликовите и нивните искуства. Врз основа на овие критериуми, наведените седум книги се издвоени како дела што со својот книжевен квалитет и со начинот на кој го промислуваат современиот свет претставуваат значаен дел од годинашниот избор за книжевната награда „Штефица Цвек“ – велат организаторите.

Годинава во конкуренција се најдоа повеќе од осумдесет наслови објавени во текот на 2025 година на македонски, босански, хрватски, српски и црногорски јазик. Зад оваа бројка стои доста разновиден книжевен пејзаж: романи, поезија, драма, книги за деца и млади, хибридни и мултимедијални дела, графички роман – но и различни генерации и поетики од регионот. Првото жири, во состав: Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, од овој корпус издвои триесет наслови во потесниот избор. Потоа книгите преминаа во рацете на второто жири: Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин, кое го направи конечниот избор од седум книги што ја сочинуваат годинашната „Штефица Цвек“.

При разгледувањето на пристигнатите наслови, жирито посвети особено внимание на начинот на кој одделни дела ја поврзуваат книжевната вредност со современите општествени прашања. Притоа, ангажираноста беше разгледувана преку начинот на кој делата ги актуализираат темите со кои се занимаваат: преку јазикот, структурата, перспективата и раскажувачките постапки. Така, во потесниот избор се најдоа книги од различни жанрови и поетики, кои, секоја од сопствен агол, се занимаваат со припадноста и различните механизми на исклучување, насилството и војната, екологијата, зависноста и патријархатот.

Оваа книжевна мапа повторно обединува дела што ги спојуваат политичката ангажираност и идеолошката смелост со свој препознатлив книжевен израз. Во нив феминистичките, квир и левичарските гласови не се губат пред наводната „светост“ на уметничкиот израз, ниту пред блуткавата аполитичност што по секоја цена сака да го зачува „мирот во куќа“. Напротив, токму преку книжевноста тие отвораат простор за преиспитување на она што ни се нуди како природно, нужно и непроменливо. Крајниот избор на „Штефица Цвек“ нè потсетува на потенцијалноста на книжевноста во агамбеновска смисла, на нејзината моќ да ги суспендира значењата и да го задржи отворено она што опресивните системи го сметаат за веќе утврдено. Книжевноста не мора да ни понуди готов друг свет; понекогаш е доволно да покаже дека постојниот не е единствениот можен. Токму во тоа отворање други начини на живеење, сакање, поврзување и замислување лежи дел од нејзината субверзивна сила – вели комисијата.

Седумте избрани книги на различни начини ги отвораат прашањата на нашето време – за слободата, телото, средината, љубовта, припадноста и можноста да се живее поинаку – без нужно да ги затворат со конечни одговори.

„Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски се издвојува со исклучителниот спој на книжевниот и визуелниот израз. Приказната за штркот и неговото движење низ изменета и загадена животна средина истовремено проговорува за растењето, губењето на живеалиштата и последиците од човековиот однос кон природата. Интердисциплинарниот пристап е особено вреден бидејќи интересната приказна е надополнета со комплексна визуелна реализација.

Романот на Димковска е во издание на ТРИ и ја раскажува приказната за висококатницата на месеците во која се живее како насекаде – со смеа и гушкања и со неправди и осаменост. Разноликоста на ликовите и нивните приказни му дава висока книжевна вредност на ова дело, кое осветлува поинакви начини на размислување за еден поинаков свет кој цели кон прифаќање и разбирање на Другиот, поинаквиот, оној кој често во реалноста останува на маргините.

Во зградата во која дванаесетте месеци живеат како своевидна заедница се појавува некој што го нарушува воспоставениот поредок – момчето Оф, кое бега од војна и ги принудува нејзините жители одново да размислат за границите меѓу „нас“ и „другите“. Темата на различноста и прифаќањето на другиот е остварена преку бајковидна структура и јазична инвентивност, со што книгата успева да ги спои пристапноста и сериозноста на темата со која се занимава.

Поврзани вести