
Синдикатот на културата денеска одржа протестен совет пред Министерството за култура поради неисплатените плати и како што соопшти, обидите за непочитување на колективните договори.
Со интонација на химната, музичка изведба на солисти од Македонската опера и балет и транспаренти вработените во институциите од културата пред Министерството за култура се обратија до министерот за култура и укажаа на ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите.

Во продолжение го пренесуваме целосното обраќање на Вера Атанасовска, претседател на СКРМ пред Министерството за култура.
Нерви искинати, срушена надеж, безглави ѕверови на работ на разумот, во мачни сништа_ сеништа, гневот е во секого, анархија, презир и безумие, морници страв и малоумие, без разум и свет гнев насекаде.
Денес стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме! Мораме, затоа што веќе предолго трае ова лудило што секоја година, во март и април, повторно нѐ доведува овде, на раб на трпението и достоинството.
Групата од само пет суперхерои, кои себеси гордо се нарекуваат „Министерството“, и оваа година никако не разочарува. Храбро се бореа да зачуваат една специфична традиција, традиција на протести во април на културните работници. Тие во името на правдата, најноншалантно и тотално неодговорно, се понесоа кон вработените во институциите, не давајќи им никакви навремени насоки за постапување при новите пресметки на плата, најверојатно да го уживаат самиот чин на воајерство на празните трпези за Велигден на над 3000 вработени, притоа знаејќи ја цената, но не и штетата на направеното! Иронијата е – ова не се случува во некоја апстрактна бирократска игра, туку токму во Министерството кое постои заради нас.
И како и секоја година така и оваа, министерот за култура бледо се појавува во приказната, како инструмент во нивните раце. Само што овојпат како министер имаме културен деец, во ситуацијава делумно самоопределен како “ненадлежен” сакајќи да биде нит ваму нит таму, кој со едно извинување “по свршен чин”, не го поправи самиот чин.
Во извинувањето упатено до вработените во култура министерот, како причина, го наведува долгогодишниот нерешен проблем во културата кој секоја година создава огромни проблеми за чие трајно решавање требало сите страни да се усогласат.
Кој е тој долгогодишен нерешен проблем?
Дали Колективниот договор за култура направен по европски терк е долгогодишниот проблем кој, откако е потпишан, освен проблеми не донесе ништо добро само во ова министерство. Или тој стана алиби за неспособноста, игноранцијата и политичките игри?
Ама затоа за чуварите на традицијата сѐ што се случуваше пред потпишувањето на КД беше добро, законски и со години немаше прблем.
Неспроведувањето на одредбите за плата од КД потпишан во 2005 год. за нив не беше проблем.
Хаосот со платите до нивелацијата 2017 година, кога секоја институција имаше своја маса на плата дизајнирана според желбите на политички влијателните директори, за нив не беше проблем
Антикризните мерки од заклучок на Владата во 2009 година кои незаконски се употребуваа да ги суспендираат правата на вработените до 2019 година, цели 10 години за нив не беа проблем.
Нарачаните плати по телефон за нив беа законски и секако, без проблем.
Обидите со години по секоја цена да се минираат преговорите за нов Колективен договор и 15 години да нема КД за нив не беа проблем.
Ама сега, кога конечно постои договор, кога постојат јасни правила на игра – одеднаш имаме проблем?
Одложената примена од седум месеци на членот 65 за платите во културата од КД, притисокот по тие месеци повторно да се откажеме од платата, двомесечното неисплаќање на плата и здравствено осигурување во време на пандемија, континуираното прекршување на одредбите од Колективниот договор од страна на институциите и непочитувањето на заклучоците на Комисијата за следење на примената и толкување на колективниот договор, не беше проблем.
Ама затоа почитувањето на Колективниот договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард е проблем.
И сега имаме ситуација на потпишан, признат и уставно потврден Колективен договор, преќутно меѓусебе, зад затворени врати, да се прогласува, де за “неуставен”, де за “незаконски”.
Тоа не е само административна измама – тоа е правно и морално предавство.
Ова не е техничко прашање – ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата.
Непочитување на колективниот договор е непочитување на човекот.
Дали штетниот за вас, а еден од најдобрите за сите- КД за култура е виновен и за тоа што со години наназад нашите институции се оставени на раб на постоење со инфраструктура која се распаѓа пред наши очи, персонал којшто работи проширени работни задачи заради недостаток на нови вработувања, уметници кои се вработуваат и пензионираат без унапредувања, а се со сите исполнети услови за истото, невалоризирани стручни звања кои се прогласуваат како непотребни само финансиски да не бидат платени. Партиски вработувања со несоодветни кадри на несоодветни места кои не продуцираат ефикасен систем туку напротив уште повеќе создаваат неодржлив систам на распад.
Сето ова постоеше и пред Колективниот договор, само што сега имаме виновник Колективниот договор и платите.
Кој е тој што одлучува, дека за тоа што работи еден првенец, еден советник или еден концерт мајстор не ја заслужува платата?
Кој е тој што кажува дека нашата работа е помалку вредна од секоја друга?
Следниот пат ќе бараме одговор со име и презиме. Ќе бараме транспарентност. Ќе бараме одговорност.
Кој е тој што кажува и советува дека стручните звања не треба да бидат платени, дека нема потреба од унапредувања, дека теренскиот додаток кој е законска обврска е зимање месечно на две плати, дека јубилејните награди, само во културата, институциите треба сами да се снајдат да ги исплатат, бидејќи за таа намена Министерството не предвидело средства и дека прекувремените саати и работа во недела и празник се барање преку леб погача, па наместо пари треба да имаат слободни денови.
Одлуките за сето ова се носат повторно зад затворени врати, без глас на оние што ја носат културата на свои плеќи.
Ако нашата работа не е вредна за платите, ќе го потсетиме министерот и чуварите на традицијата дека во Осака ќе се сликате со културата, на Венециско биенале Македонија ќе ја претставуваат уметници, а не службеници. Дека на локалитетите низ државата се сликате со нас археолозите и нашиот труд, а не со Законите и заборавените во фиока правилници. Со нашата работа и нашите трудови се промовирате во светот, а не со административните дописи.
Секој што дејствува против социјалната држава – ги поткопува работничките права и го урива системот на праведност, солидарност и еднаквост.
Не заборавајте дека политичкото влијание ги гуши културните институции поставувајќи веќе однапред политички договорени директори и го иститснува секој што мисли слободно. А кога државата ќе се сврти против културата, таа се врти против самата себе.
Кој свечено сака да ја згази културата и да ја распродаде, како нешто сувишно и непотребно, а со тоа и сите нас кои ја чуваме, негуваме и ја пренесуваме.
Понижени сме.
Не како индивидуи, туку како цел еден систем – од театарските сцени до архивските подруми.
Културата ја сведуваат на административен проблем.
А ние – на статисти во сопствената професија.
Не може една нација да биде слободна, почитувани, ако нема култура!
Ние денес не протестираме за луксуз туку за уставно загарантирани права!
Ние протестираме и меѓу распаднати книги и архиви, и меѓу сценографии едни врз други, и меѓу пожолтени ракописи и меѓу технички распаднати сцени и гледалишта.
Ова е отпор на цела една генерација која бара само едно: почитување на Културата и почитување на законите, затоа што тие треба да бидат еднакви за сите!
Денес на оваа отворена протестна седница на Советот на СКРМ во проширен состав
-Бараме да се почитуваат Колективните Договори и Законите.
-Бараме достоинствени услови за работа и достоинствен однос кон народот којшто е дел од самата култура како величие -Публиката.
-Бараме транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола.
-Бараме стратегија за развој на културата и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување
Бараме соодветни унапредувања на вработените и валоризација на стручните звања
-Бараме крај на понижувањето!
Културата нема да молчи!
Културата нема да се плаши!
Ние сме културата.
Ние сме гласот што не можете да го заглушите.
Затоа што културата не е ваш проект.
Културата е народот.
Културата сме сите ние тука! Културата секогаш била и е отпор!
И ако државата не сака да не чуе преку институциите ќе нè слуша на улица!
Културата е огледало на нацијата, културата е идентитетот на држава!
Последна порака до министерот и сите следни министри кои ќе седнат во оваа зграда:
Сѐ што ќе слушнете е нечие мислење, не е факт, се што ќе видите е нечие гледиште, а не вистина.
Марко Аврелиј 161_180 г
Културата е она што останува кога се друго ќе се заборави.
На денешниот протест на вработените во културата, присуствуваше и првиот човек на Синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој рече дека ССМ дава целосно и безрезервна поддршка на работниците кои си ги бараат своите плати и ги повика да им се приклучат на протестот на 1 Мај.