
Пет мини библиотеки исполнети со дела од современи европски автори се поставени на фреквентни локации низ Скопје. Граѓаните можат бесплатно да позајмат книга, да ја прочитаат и потоа да ја вратат на истото место, за приказната да продолжи кај следниот читател.
Оние населби во кои граѓаните совесно ќе ги користат мини библиотеките, ќе ги чуваат книгите и ќе ги враќаат откако ќе ги прочитаат, ќе добиваат и нови приказни. Издавачката куќа „Сакам книги“ периодично ќе ги освежува добро зачуваните библиотеки со нови наслови, со што нивниот избор постојано ќе расте, а до читателите ќе стигнуваат нови европски автори и дела. Колку повеќе се грижиме за книгите, толку повеќе книги ќе има за целата заедница.
Издавачката куќа „Сакам книги“ му подари на градот Скопје пет мини библиотеки, создавајќи нови, отворени книжевни катчиња достапни за сите граѓани. Библиотеките се полни со внимателно избрани наслови од европски автори, а нивната цел е книгите да излезат од вообичаените простори и да станат дел од секојдневието на градот.
Мини библиотеките се поставени на Средно Водно, во Градскиот парк во близина на „Номад кафе“, во Парк Македонија спроти „Веро“ – Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близина на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.
Концептот е едноставен и се темели на доверба и споделување: секој граѓанин може слободно да земе книга, да ја прочита и да ја врати во истата мини библиотека, за таа да стигне до нов читател. На овој начин, јавните простори добиваат нова културна вредност, а читањето станува подостапно и поблиско до луѓето.
„Со поставувањето на мини библиотеките сакаме книгите да бидат таму каде што се луѓето – во парковите, на прошетка, во природа и во срцето на градските населби. Секоја позајмена и вратена книга е нова средба, ново искуство и доказ дека културата на читање може да се гради заеднички“, изјави Ивана Спасев, лидер на проектот и дел од издавачката куќа „Сакам книги“.
Мини библиотеките се дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој „Сакам книги“ го реализира во рамките на програмата „Креативна Европа“. Проектот ја приближува современата европска книжевност до македонските читатели преку превод и објавување дела напишани на помалку користени јазици и од автори кои првпат се преведуваат на македонски јазик.
Патувањето на „Со љубов, од Европа“ започна со 16 избрани наслови од 13 европски земји. Делата отвораат значајни современи теми, меѓу кои менталното здравје, родовата еднаквост, феминизмот, попреченоста, инклузијата, различноста и климатските промени. Седум од насловите се наменети за деца и млади и обработуваат прашања како врсничкото насилство, аутизмот, прифаќањето на различностите и заштитата на животната средина.
Поставувањето на мини библиотеките е дел од пошироката мисија на проектот за долгорочна достапност на европската литература и создавање поотворена, поемпатична и позелена заедница. Покрај издавањето книги, проектот опфаќа еколошки, образовни и општествено одговорни активности со кои литературата станува двигател на позитивни промени.
Реализацијата и поставувањето на мини библиотеките се овозможени во соработка со Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Општина Аеродром, кои ја поддржаа иницијативата за создавање достапни книжевни катчиња во јавниот простор.
Од „Сакам книги“ апелираат граѓаните одговорно да ги користат библиотеките, да ги чуваат книгите и редовно да ги враќаат, за што повеќе деца, млади и возрасни да добијат можност да ги прочитаат.
Пет мини библиотеки, пет нови книжевни средби и една заедничка порака: книгите му припаѓаат на градот, а приказните треба да патуваат.

Македонски


