Skip to main content

„Се викам храброст“ е книга којашто ќе ги инспирира новите генерации

Во присуство на хероини од сите генерации и претставници од семејствата на силните жени што веќе не се меѓу нас, вчеравечер (11 февруари) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, беше промовирана новата книга за деца и млади „Се викам храброст“.

Книгата, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини, од Сирма Војвода, преку Невена Георгиева-Дуња, Вера Јоциќ, Вера Ацева, Атина Бојаџи, Милка Ефтимова, па сѐ до Илина Арсова, Ема Ананиевска и други. Ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои го посветиле животот или пак го дале својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа.

На емотивниот и истовремено инспиративен настан, кој се одржа во рамките на „Денови на литературата“, кон книгата се осврнаа уредничката Надица Фирфова, графичката дизајнерка Анета Илиевска и книжевникот и публицист Иван Антоновски, а инспиративни обраќања имаа и Зорка Тодорова-Младеновиќ (костимографка и модна дизајнерка), Бисера Чадловска (диригентка), Ема Ананиевска (пијанистка), Мартина Димоска (аналогна космонаутка), Ива Матиќ (пилотка), Јасмина Атанасова-Симјановска (оџачарка) и Олга Муџева-Шкариќ (професорка).

Книгата „Се викам храброст“ е наменета за помладата читателска публика и за сите оние што бараат инспирација. Идејата за создавање вакво дело е токму тоа – да им се даде насока и мотивација на младите девојчиња да го пронајдат својот животен пат низ примери што ќе ги инспирираат.

Уредничка и приредувач на книгата, Надица Фирфова, истакна дека идејата за ова дело се родила пред повеќе години, по иницијатива на главната уредничка Бранка Бугариска.

Сакавме да создадеме книга за истакнати женски личности од нашето минато и сегашност со цел да ги доближиме нивните инспиративни животни приказни до помладата читателска публика, особено девојчиња во тинејџерска возраст. Тоа е период од животот кога младите се обидуваат да се пронајдат себеси и да развијат интереси што ќе ги водат понатаму во животот. Тоа е период и кога овие млади луѓе бараат модели на однесување. Тоа може да бидат личности во нивната непосредна околина: родители, браќа, сестри, пријатели, наставници… Но, сè почесто се и личности кои се појавуваат на разни социјални мрежи и понекогаш наметнуваат начин на однесување што подразбира усвојување површни вредности. Со ова издание сакавме да покажеме дека во нашето општество има личности кои успеале да му дадат подлабока содржина на својот живот и со труд, дисциплина, упорност и храброст успеале да ги остварат своите соништа. Пораката на ова издание е да бидеме љубопитни, храбри, вредни и да си поставуваме високи предизвици, а потоа напорно да работиме за да ги постигнеме. И никогаш, никогаш, да не престанеме да сонуваме – исто како и хероините на „Се викам храброст“ – рече Фирфова.

Сите личности застапени во оваа книга се избрани мошне внимателно за да послужат како поттик на младите читатели во пронаоѓање на целта на сопствениот живот. Низ овие инспиративни приказни, во кои преовладуваат ентузијазам и храброст, тие треба да се охрабрат и да согледаат дека трудољубивоста и пожртвуваноста за постигнување одредена цел носи огромно задоволство и високо чувство на самопочит.

Книжевникот и публицист Иван Антоновски, кој воедно е и син на етаблираната математичарка и статистичарка Светлана Антоновска, која е една од 50-те жени застапени во книгата, рече дека ова е книга за сите нас.

„Се викам храброст“ е многу повеќе отколку книга само за девојчиња! Оваа книга треба и може да ја прочита буквално секој од нас, независно од возраста… Всушност, сите имаме и обврска да ги прочитаме овие 50 приказни, како долг кон нашите хероини чиишто заложби, постигнувања, пожртвуваност и резултати можеби не сме ги знаеле и вреднувале доволно. Наша обврска, како возрасни, е да ги запознаеме нашите деца со овие извонредни жени. Тие треба да ги знаат овие приказни и да имаат можност сите идоли да ги бараат во примери од својата земја, од својата култура, а не само некаде „далеку“, каде што ќе ги однесе интернетот, новите медиуми и индустриите кои им пласираат за идоли и не само позитивни примери. Па затоа, оваа книга треба да ја читаме и ние, истовремено со нив или дури и пред тие да ја прочитаат. Вакво уникатно енциклопедиско издание посакува секоја нација, секоја држава. Но, секоја нација и секоја држава немаат вакви хероини со толку инспиративни приказни… Инаку, доста лично ја доживувам оваа книга, пред сѐ заради мојата мајка, Светлана Антоновска, која почина во 2016 година и не дочека внуче, иако многу го посакуваше. Мојата ќерка Илина се роди во декември 2021 година, и оттогаш наваму, со сопругата Ана, често помислуваме како и кога ќе ѝ кажеме за баба ѝ Светлана, како ќе ѝ ја претставиме која била, што постигнала… Денес, веќе знаеме. Нашата ќерка, својата баба ќе ја запознае преку енциклопедијата „Се викам храброст“. И не само неа, туку и други четириесет и девет хероини кои би сакале да ѝ бидат примери во животот. Ама и не само Илина, која сега има три години, туку и повозрасните од неа, и целата нејзина генерација, и генерациите што ќе дојдат потоа – рече Антоновски во своето обраќање.

Во целокупниот впечаток и визуелниот идентитет на книгата, голем удел игра графичкото уредување, за што беше задолжена Анета Илиевска. Таа изјави дека било голем предизвик да се креира книгата, со оглед на фактот што за дел од жените имало многу малку материјали, само по една фотографија.

Во основата на дизајнот е поп-арт стилот, кој одлично се вклопи и ги поврза приказните. Користев впечатлив колорит – како контраст за црно-белите фотографии, но и со цел да им се доближиме на помладите читатели, да посегнат по книгата и да ги откријат овие навистина инспиративни приказни. Замислата ми беше да ја направам книгата како своевиден споменар со колажи, доцртувани елементи и исписи, како што би направила некоја тинејџерка, собирајќи фотографии и податоци за своите идоли – рече Илиевска.

На основа на овие дизајни, креирана е и изложба со избор од 20 жени застапени во книгата. Постановката може да се погледне во холот на „Дајмонд мол“, под книжарницата „Литература.мк“.

Неуморната костимографка и модна дизајнерка Зорка Тодорова-Младеновиќ, која работи без престан и по пензионирањето, ја раскажа својата приказна, од родното Кавадарци, до градот на високата мода – Париз. Таа откри дека научила да чита и да пишува на петгодишна возраст и мечтаела еден ден да стане писателка, а нејзините песнички и раскази често биле објавувани во весниците.

Познатата македонска диригентка Бисера Чадловска од мала возраст не се пронаоѓала во „традиционалните“ професии и чувствувала дека нејзиниот пат ќе биде необичен. На првиот роденден од баба ѝ добила пијано, кое веднаш станало дел од нејзиниот свет. Инстинктивно почнала да ги истражува неговите тонови, свирејќи по слух едноставни мелодии што ги создавала сама. Така, ја запишале во нижото музичко училиште каде изучувала солфеж, пијано и теорија за музика…
Мартина Димоска е прва аналогна астронаутка од нашиот регион. Таа е истражувач и научник. Уште од мала обожавала да решава проблеми и често ја барала „вистината“, што за неа најчесто била поврзана со науката. Сонувала за иднина каде што ќе истражува „нови светови” и ќе прави нешто значајно за човештвото.

Ива Матиќ е првата жена воен пилот во Македонија, како и пилотка на комерцијални летови. Таа е една од ретките кои успеале си го остварат детскиот сон и вистински да се вивне низ облаците. Како дете, била љубопитна и полна со енергија, сонувала дека ќе отпатува во вселената.

Јасмина Атанасова-Симјановска (оџачарка), пак, рече дека уште како мала била полна со многу идеи, а секоја идеја ја остварувала со упорност и посветеност. Сите соништа на Јасмина биле поврзани со големи достигнувања и стремеж за повисоки цели, независно од тоа што ја интересирало во моментот. Иако завршила архитектура, нејзината љубопитност ја довела до денешната нејзина професија – оџачарка. Како дипломирана оџачарка, таа врши обуки од кои произлегуваат современите оџачари кои работат според европски стандарди… Желбата за постојан развој и учење нови работи ја издвојуваат како пример за успешно реализирана личност, среќна што успеала да ги оствари своите детски сништа.

Поврзани вести