
Се надевам дека ова ќе остане како еден потсетник, а пред сé како документ, не само за мојата работа, туку за сé она што се случувало на културно-музички план во еден период во нашата држава. А, наедно и да се види како се работело во времето која јас пишував, разговарав и известував за музичките настани што се случуваа кај нас и во блиското соседство, вели музичкиот новинар Михајло Грбевски – Мишко, чија книга „Rock n’ beat“ ќе биде промовирана в петок, на 18 јули, во 12 часот пред музичкиот салон „До ре ми“, во рамки на Скопско лето.
Во книгата се објавени педесет интервјуа од дведецениска новинарска кариера на Грбевски во неколку печатени медиуми, дневни весници и неделници („Екран“, „Ритам“, „Време“, „Нова Македонија“). Книгата има четири циклуси – „Рок пролет“, „Вечен бунтовник“, „Валкан Балкан“ и „Звукот на подземјето“.
Книгата не е наменета само за едно читање и потоа да стои на полицата во домашната библиотека, туку да се навраќаш на неа. Точно е дека има само интервјуа, но ако се прочитаат внимателно, од нив може да се сфатат ставовите на музичарите, да се разбере како тие размислуваат, не само за музиката, туку и за целото општество во кое живееме, вели во интервју за „Република“ Грбевски.
Со Грбевски разговаравме и за музичкото новинарство, какви биле неговите почетоци и какво е денес, дали му недостига дневното новинарство и пишувањето воопшто, за ритамот на работата во кој секоја вечер има настани за кои треба да известува и како денес гледа од дистанца на тие денови. Признава дека и кога оди на концерт, уште се однесува како новинар, иако нема обврска да известува. Во план му е наредната година да објави продолжение со други интервјуа кои не се објавени во првата книга, а во иднина размислува и за книга во која ќе бидат објавени рецензии на албуми и концерти.
В петок, на 18 јули, во рамки на Скопско лето ќе биде промовирана твојата прва книга „Rock N’ Beat“. Што содржи книгата?
ГРБЕВСКИ: Книгата „Rock N’ Beat“, содржи околу 50-тина интервјуа што сум ги правел со музичари од домашната, од балканската и од светската музичка сцена, а биле објавени во печатените медиуми во кои сум работел во изминативе години, како што се „Екран“, „Време“, „Ритам“ и „Нова Македонија“. Најголемиот дел од разговорите се со рокери, затоа што интимно, јас најмногу го сакам и сум приврзан кон овој музички правец. Но, освен нив, тука има и џезери, рапери, како и артисти од електронската музика. Всушност книгата претставува еден сублимат од мојата 18-годишна новинарска работа, но тоа не значи дека тука и завршува. Напротив, оваа е само поттик за мене и најава за мојата понатамошна публицистичка работа.
Инаку, „Rock N’ Beat“ е поделена на четири тематски целини: „Рок-пролет“, „Вечен бунтовник“, „Валкан Балкан“ и „Звукот на подземјето“. Во првиот дел се вкулчени разговори со домашни музичари од постарата генерација кои на некој начин ја го трасираа патот на развојот на македонскиот рокенрол. Тука се имиња од типот на Армен Сурмејан, Јаков Дренковски, Гранит Таќи, Влатко Стефановски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Кирил Џајковски, Горан Трајковски, Горазд Чаповски… Делот насловен „Вечен бунтовник“ опфаќа интервјуа со некои навистина големи странски ѕвезди кои повеќето ги гледавме и слушавме во Скопје, како на пример, Џони Ротен од панк-пионерите „Sex Pistols“, потоа Јан Гилан од „Deep purple“, Дејвид Ковердејл од „Whitesnake“, Били Гибонс од „ZZ Top“, џез-гитаристот Ал ди Меола и многу други.
Третиот дел „Валкан Балкан“, самиот кажува дека станува збор за разговори со балканските музичари меѓу кои Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Милан Фрас од „Лајбах“, Давор Гобац од „Психомодо поп“, Сејо Сексон од „Забрањено пушење“, членовите на „Дубиоза колектив“, Миле Кекин од „Хладно пиво“ и други. Во последното поглавје, со симболичен наслов „Звукот на подземјето“, се поместени интервјуата со домашните музичари и групи, кои сите заедно ја градат македоснката андерграунд-сцена. Тука може да се прочитаат интервјуа со музичари како Кирчо Арсовски од „ТБ Трачери“, Идриз Амети од „Бла, бла бла“, Петар Младеновски од „Суперхикс“, потоа со членовите на панк-рок составите „Паркети“, „Флукс“, „Д`Далтонс“, металците „Санаториум“, „Steel temple“, „Верка“, „Smut“… Исто така не се заборавени и родоначалниците на македонска хип-хоп сцена „Чиста околина“, а секако и џезерите меѓу кои Владан Дробицки од „Sethstat“ како и членовите на групата „Летечки пекинезери“.

Како се роди идејата за издавање на книгата?
ГРБЕВСКИ: Идејата дојде спонтано, како и секоја друга креативна идеја. Таа се појави уште пред повеќе од 10 години, кога најактивно работев како музички новинар. Во тој период, затоа што таква ми беше природата на работата, следев сé што се случува на музичката сцена во светот, читав разни статии од странски музички новинари. Забележав дека голем дел од нив, објавуваат книги од ваков тип, па си реков зошто да не го направам тоа и јас. Исто така, и некои други мои колеги од Македонија почнаа да размислуваат во таа насока. Почнав да ги собирам интервјуата во еден фолдер во компјутер, да барам по старите списанија што ги чувам дома и да правам селекција. За жал идејата ја реализирав многу подоцна, затоа што се случија многу работи, и во новинарството како професија и во музичкиот свет. Се надевам дека ова ќе остане како еден потсетник, а пред сé како документ, не само за мојата работа, туку за сé она што се случувало на културно-музички план во еден период во нашата држава. А, наедно и да се види како се работело во времето која јас пишував, разговарав и известував за музичките настани што се случуваа кај нас и во блиското соседство.
Ова е второ издание на книгата. Што е поразлично од првото?
ГРБЕВСКИ: Првото издание помина незабележително, бидејќи се случија многу несакани дејствија. Издавачот „Авант прес“ не ги исполни обврските кон мене, не се испечатија доволно промероци и не се направи промоција. Потоа следеше корона-пандемијата која практично ја потисна и направи книгата да се заборави. Сега решив да направам второ издание, кои ќе си го објавам самостојно, без да зависам од никого. За разлика од првото, ова издание е дополнето. Текстовите се исти, но овој пат книгата ќе биде збогатена со фотографии, кои ми отстапија моите некогашни фото-колеги, Маја Јаневска-Илиева, Стефан Рајхл, Александар Георгиев, Димитар Петровски и Татјана Ранташа.
Каква реакција очекуваш од читателите, особено од љубителите на рокот во Македонија?
ГРБЕВСКИ: Секако дека очекувам позитивни реакции, затоа што долго време луѓето од таа фела, и музичарите и публиката, се желни за нешто ново, а не само концерт, плоча или цеде. Тие сакаат да прочитаат и книга со ваква тематика во која на едно место ќе бидат собрани разговорите со музичарите. Но, не само за љубителите на рокенролот, туку секој друг кој што ја сака и ја почитува културата. Книгата не е наменета само за едно читање и потоа да стои на полицата во домашната библиотека, туку да се навраќаш на неа. Точно е дека има само интервјуа, но ако се прочитаат внимателно, од нив може да се сфатат ставовите на музичарите, да се разбере како тие размислуваат, не само за музиката, туку и за целото општество во кое живееме, затоа што секоја генерација носи различни идеи, а тука во книгата се застапени музичари од повеќе генерации. Исто така, книгата содржи многу податоци што може да им користат на некои други генерации кои ќе сакаат да истражуваат на оваа тема. Затоа велам, „Rock N` Beat“ е документирана историја на настаните во македонската музичка сцена.

Колку години се занимаваш со музичко новинарство? Кој беше твојот прв текст или интервју што никогаш нема да го заборавиш? Дали го има во книгата?
ГРБЕВСКИ: Со новинарство се занимавам од 1997 година. Почнав во весникот „Вечер“ и работев во скопската рубрика каде пишував за скопски теми. Редакција од каде што почнуваат речиси сите новинари. Од крајот на 1999 почнав да работам во редакцијата на неделниот весник „Екран“ и таму започнав со пишување на текстови за рок-музика. Тука беа објавени моите први концертни извештаи и интервјуа. Во 2004 година кога се отвори дневниот весник „Време“, се префрлив во редакцијата на нивното неделно издание наречено „Ритам“, во кое пишував исклучиво за алтернативната музичка сцена. Откако се затвори тој весник, во 2008 година, најдов ново „скривалиште“, весникот „Нова Македонија“, кој тогаш се реобнови. Таму останав сé до 2018 година. Во „Нова Македонија“, ги напишав моите најдобри текстови. Инаку, во меѓувреме имам работено во „Македонско радио 2“, каде исто така работев во скопската редакција, а водев и утринска емисија, но повремено правев и прилози поврзани со музика. Исто така една сезона пишував и во познатиот училишен весник „Наш Свет“, но тука текстовите повеќе беа за светската поп естрада.
Инаку, мојот прв авторски текст за музика беше извештај од концерт на групата „Ареа“ кој се одржа кон крајот на 2000 година на Скопскиот саем. Тоа беше промотивен коцерт за нивниот албум „Врати на имагинација“. Првото интервју ми беше со манекенката Љубица Малезанска, која мислам дека беше Мис на македонија, или можеби беше во изборот за Мис, бидејќи тогаш неделникот „Екран“, во кој работев, ја имаше лиценцата да го организира тој настан.
Што се однесува музичко интевју, тоа беше со Ружица Брчиоска, пејачката на бендот „Ареа“, кое го правев по истот повод, објавувањето на албумот „Врати на имагинација“. За жал тоа интевју го нема во книгата „Rock N`Beat“, но верувам дека ќе си го најде местотот во мојата наредна публикација.
Едно од моите најдраги интервјуа е она со Џони Ротен, пејачот и лидер на панк-бендот „Sex pistols“ и тоа го има во книгата, а исто така многу ми значи и интервјуто со Јан Гилан, пејачот на „Deep Purple“, бидејќи тој е еден од моите најголеми идоли. Токму со песните на „Deep Purple“, во моите тинејџерски години, се заразив со рок-музика, која подоцна стана моја животна определба.

Имаш ли некоја интересна случка од твотето долгогодишно музичко новинарство која ќе ја паметиш?
ГРБЕВСКИ: Секој новинар има случки кои остануваат во сеќавањата, без разлика дали се лоши или добри. Мојата прва случка која предизвика паника кај мене, бидејќи сé уште не бев толку искусен, беше при правњето на интервјуто со Владан Дробицки од групата „Setstat“, кое може да се прочита во „Rock N` Beat“. Разговорот го правевме во кафе-барот „Рим-Париз“ (кој сега веќе не постои) во ГТЦ. Се најдовме, со Владан, седнавме на маса, извадив диктафон, оној стариснки со касета, не дигитален. Го вклучив и почнавме муабет кој траеше повеќе од еден час. Утредента на работа го пуштам диктафонот за да почнам да го пишувам тоа што го зборевме со Владан, но на касетата немаше ништо. Батериите на диктафонот биле празни, а јас не сум ги проверил. И така останав без интервју, кое требаше да биде готово најдоцна до средината на работниот ден, затоа што весникот треба да се печати. Со уредникот Љупчо Јолевски, му се јавивме на Владан, го молевме да дојде во редакција да го памравиме интервјуто наново, и да можеме да го затвориме весникот. Целата работа се заврши на брзина, но текстот излезе одличен.
Исто така во сеќавење ми е и интервјуото со Џони Ротен. Целата работа почна откако во 2013 година беше најавено дека тој заедно со својот сегашен бенд PIL, ќе настапи на фестивалот Скопје гори на скопското кале. Две недели претходно ми се јави Владимир Петровски-Картер, гитаристот и пејач на групата „Бадмингтонс“, и ми вели: „Мишко, дали сакаш да правиш интервју со „скапаниот“, имам контакт со неговиот англиски менаџер“. Не знам кој музички новинар би одбил такво нешто. Стапивме во контакт преку меил со менаџерот и тој ни даде телефонски број каде и кога да му се јавиме на Џони Ротен, кој во моментот беше во Лос Анџелес. Побарав од редакцијата на „Нова Македонија“ да ми дозволат отворена телефонска линија за Лос Анџелес, за да го направам интервјуто. Поради временската разлика требаше да му се јавиме во 23.30 часот. Отидов со еден од уредниците и со колегата Гоце Трпковски. Во 23.30 му заѕвонивме на телефон, „наоружани“ со два диктафони (за да не се случи како со Владан), со тефтери и пенкала и го чекаме неговиот одговор на интерфон. Прво ни се јави неговиот тамошен менаџер и ни рече дека имаме на располагање 40 минути разговор, но мора да почекаме да ни се јави Џони. По неколку минути се јави „скапаниот“, кој според тоа што го слушнавме на интерфон, човекот беше во тоалет и пушташе вода во веце школката. Панкер „до јаја“. И наместо 40 мнинути истераме муабет повеќе од еден час, на телефон во Лос Анџелес.
Колку се промени музичкото новинарство од времето кога ти започна до денес?
ГРБЕВСКИ: Живееме во период во кој немаме радио и телевизиски емисии за музика и воопшто за култура, немаме печатени медиуми, новинарство кое е сведено на интернет портали каде често пишуваат луѓе кои не ја познаваат проблематиката за која што пишуваат, без редактура и лектура, значи класичен дилентатизам, со исклучок на одредени новинари кои си ја вршат работата на највисоко професионално ниво. Ваквите публикации како мојата, е добредојдена за секого, особено за помладата генерација која денес нема каде да прочита интервју.
На почетокот на мојат новинарска кареира, информациите доаѓаа исклучиво преку радио или преку странските весници кои ги нарачувавме преку пријатели. Но по кратко време откако откако почнав да работам се појави интернетот, и тогаш веќе беше полесно. Но за разлика од тогаш на тој интернет имаше сериозни и релевантни информации, а денес во тоа дигитално море сé повеќе има лажни и непроверени информации. Затоа треба внимателно да се одбира што и како се чита.
За да си професионален во работата, треба така да ја сфатиш и така да се однесуваш кон неа. Јас и ден-денес пред да правам интервју со некој бенд, колку и да го познавам, јас претходно се подготвувам. Повторно ги преслушувам албумите, ги читам моите стари текстови како и текстовите на моите колеги, ги проверувам старите и новите податоци, затоа што во финалниот „производ“, односно во текстот што треба да изелез во медиумот, не смее да има ниту една грешка. За интервју секогаш сум инсистирал разговорот да се прави во живо или барем преку телефон, а интервјуа правени по меил, не ги сфаќам сериозно. Секако дека на интервју во живо доаѓаш со веќе подготвени прашања, но од текот на разговорот може да излезат уште некои кои не си ги предвидел или планирал. А тоа не може да се случи доколку се прави меил.

Иако професионлно неколку години веќе не се занимаваш со музичко новинарство, што значи за тебе лично рок-музиката?
ГРБЕВСКИ: Рок-музиката и воопшто целата алтернативна сцена, за мене е начин на живот, затоа што таа е искрена, директна и содржајна. Сведоци сме на постојана и агресивна кампања на разни квази-музичари кои мислат дека со пари можат да постигнат успех, но рокенролот е жилаво копиле, кое не попушта и нема да дозволи да биде потистнат од некакви полу-писмени луѓе, кои не разликуваат тапан од труба. Привилегија е да се занимаваш со ваков вид музика и да бидеш дел од новинарите кои ја поддржуваат и на секој можен начин гледаат како да и помогната алтернативната сцена. Јас секогаш се радувам кога ќе слушнам дека има некој нов бенд, дека некои деца таму прават проби во правливите гаражи и подруми, дека на концерти на веќе етаблирани групи доаѓа пубика која можеби и не била родена кога бендовите ја почнувале својата кариера. Затоа ја сакам оваа музика и оваа сцена. Таа претставува едно големо братсво на истомисленици кои преку културата заеднички се борат против естаблишментот. Тоа оди многу тешко, но затоа се вика рокенрол.
Кои се највлијателните рок-бендови на македонската музичка сцена, според тебе?
ГРБЕВСКИ: За човек кој целиот свој живот го посветил на рок-музиката, тешко е да одговори на вакво прашање, затоа што секој бенд си има своја тежина, и место во историјата. Да не заборавиме дека и различните периоди исто така имаат различна визии. Секој кој што се занимава со креативен труд треба да се почитува, но тој креативен труд треба да биде сериозен и со издражани ставови. Ако треба да издвојам тогаш би рекол дека во одреден период најбитни за домашната музичка сцена се „Леб и Сол“, потоа „Архангел“, „Мизар“, „Санаториум“, „Бернајс пропаганда“… Има и доста помлади алтернативни групи, од рок, преку џез, рап па сé до електронски артисти, кои постојано се појавуваат и имаат сериозен пристап кон тоа што го работат. Тие носат нови ветришта кои допрва ќе треба да ја исчистат мувлосаната културна сцена во Македонија.
Ти фали што не пишуваш веќе? Што не си излезен секоја вечер, на некоја свирка, концерт, настан, па утре треба да напишеш текст?
ГРБЕВСКИ: Иако веќе не работам како музички новинар, кој треба да известува за настаните, јас сé уште ја следам светската, а пред сé домашната рок-сцена. И порано, но и денес, најмногу се интересирам за малите, демо бендови, деца кои имаат јасна визија за тоа што сакаат да го работат. И секогаш ги подржувам и помагам колку што можам. Денес не одам толку многу на концерти, но се трудам да можам да посетатам што е можно повеќе промоции, концерти, работилници… Во периодот кога работев, морав да одам и да известувам од сé што се случува. Еднаш ми се случи во една вечер да одам на три настани, од кој првиот беше концерт на Северина (задача што ми беше дадена од уредникот), потоа на концертна промоција на еден мал панк-бенд, и на крај да завршам на клупски џез-концерт. Наредниот ден на работа требаше да напишам извештаи од сите три настани. Тоа е напорно, но ме исполнува. Сега кога веќе не сум во таа матрица на дневно-новинарство, одам на настани за ќејф, иако рака на срце и ден денес кога одам на концерт јас го следам од призмата на новинар. Слушам внимателно, следам како реагира публиката, гледам да не се случи нешто што е надвор од музичката програма, а е интересно за новинарот. Тоа веројатно е професионална деформација и тешко дека ќе успејам да избегам од неа.
Инаку, што се однесува до пишувањето, јас и денес знам да составам текст и да го објавам на некои од порталите, но тоа повеќе е за лична сатисфакција, а не како професионална обврска.
Имаш ли материјал за нова книга? И ако да, што планираш?
ГРБЕВСКИ: Секако дека има уште многу материјали кои чекаат да бидат објавени. Како што реков и претходно „Rock N` Beat“, е само почеток за она што сакам да го правам понатаму. Во план ми е наредната година да објавам продолжение со други интервјуа кои што не влегоа во оваа книга. Освен тоа јас имам и други новинарски формати, како реценции на албуми и концерти, така што во иднина може да се очекува и книга која ќе биде збир на овие текстови.
Разговараше: Александра М. Бундалевска