Во Управата за заштита на културното наследство е промовиран првиот централизиран софтвер за водење на заштитните евиденции и на Националниот регистар на културното наследство во нашата земја. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со реализацијата на овој проект е создаден брз и ефикасен систем за водење на заштитните евиденции и транспарентен систем за управување со културните добра.
„Софтверот, кој ќе биде достапен за сите релевантни институции од областа на заштитата на културното наследство, има цел да обезбеди унифициран начин на водење на заштитните евиденции и централен пристап на јавноста до податоците за целокупното културно наследство во земјава. Сево ова, меѓу другото, ќе придонесе и за подобра координација и соработка меѓу различните субјекти вклучени во заштитата и промоцијата на културното наследство“, посочи Љутков, кој додаде дека дигитализацијата на културното наследство претставува основа за заштита и промоција на нашите историја, култура и идентитет.
На овој начин ќе се овозможи и поефикасно управување и заштита на културното наследство, а ќе се олеснат и процесите за централно поврзување на институциите.
„До софтверот ќе може да се пристапи преку секој интернет-пребарувач, од компјутер или паметен телефон што има пристап до Интернет. Она што е битно да се знае е фактот дека во јавниот дел ќе може да пристапи секој граѓанин, додека во делот за внесување податоци, од безбедносни причини, ќе можат да пристапат само овластени лица, вработени во институциите од областа на заштитата на културното наследство“, додаде министерот Љутков.
Весела Честоева, директорката на Управата за заштита на културното наследство, пак, посочи дека во 2021 год. било започнато со изработка на софверското решение, кое, согласно со договорот, е завршено во октомври 2024 година
„Управата во наредниот период ќе ги ажурира постојните податоци, што значи 8.000 регистрирани и евидентирани недвижни добра. Би требало да се внесат и околу 25.000 икони што се наоѓаат во нашите цркви и манастири, како и 500 илјади археолошки историски, етнолошки и уметнички предмети што се наоѓаат во заводите и во музеите во Македонија, но постепено овој процес ќе доведе и до целосна дигитализација на заштитните евиденции и на Националниот регистар за културно наследство“, истакнува Честоева.
Според неа, за разлика од постојните софвтерски решенија што ги имаат надлежните институции за заштита на културното наследство, со овој софтвер, преку унифицирана централна база, се овозможува вмрежување на сите институции во единствен систем за водење на заштитните евиденции.
„Со тоа ќе се исполнат законските обврски на институциите за водење заштитни евиденции, а, исто така, системот ќе може да се користи во едукативни и во научни цели, со оглед на тоа што податоците за културното наследство ќе бидат лесно достапни за пошироката и за научната јавност, секако со одредени ограничувања од безбедносен карактер“, додаде Честоева.