
Вечерва, со почеток во 19:00 часот, во „Литература.мк“ во Дајмонд мол, во рамки на „Денови на литературата“, ќе се одржи промоцијата на книгата „Дом во тишина“ на Никола Маџиров, во издание на „Арс Ламина“.
Оваа прва есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик.
Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Современи и Епистоларни. „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како впрочем и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосем нови.
На промоцијата ќе учествуваат Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски.