
„Во тивок модус“ збирка со 12 кратки пиеси за пијано на авторката Јана Андреевска, ќе бидат промовирани вечерва во 20 часот во Литература.мк во „Дајмонд мол“ во Скопје. Изданието е на „Арс Ламина“, а промоцијата е во рамките на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промотор ќе биде Михаило Трендафиловски, а ќе настапи пијанистот Дино Имери.
„Во тивок модус“ е збирка од 12 кратки пиеси за пијано компонирани од Јана Андреевска, во периодот меѓу 2019 и 2026 година. „Есен во април“, „Августовски ветрови“, „Отсуства“, „Галеж“, „Песната на Рената“, „Валцер“, „Порака до ќерка ми“, „Гушкањето на Матеј“, „Емпромпти“, „Зимска сончевина“, „Приспивна за Марика“ и „Сенките на едно утре“ се настанати на пресекот меѓу педагогијата и личниот уметнички израз, произлезени од работата со студенти по популарна музика и во таа смисла претставуваат јасни и прецизни примери за градење музичка мисла – од едноставен мотив до заокружена форма.
Напишани во пристапна клавирска фактура, пиесите се наменети и за професионални музичари и за напредни љубители, нудејќи простор и за интерпретација и за креативно надградување. Дополнети со хармонски шифри, тие отвораат можност за импровизација и третман во духот на џез-стандардите. Тивки, интимни и искрени, овие минијатури се и сведоштво за една лична музичка практика – каде едноставноста станува средство за длабоко музичко и човечко истражување. (Арс Ламина)
Збирката е во издание на Арс Ламина, и е дел од едицијата „Bibliotheca Musica“ посветена на објавување квалитетни музички изданија – збирки ноти и партитури наменети за ученици, студенти, професионални музичари и љубители на музиката. Во нејзините рамки се публикуваат оригинални композиции, аранжмани и педагошки материјали, внимателно уредени и прилагодени за практична изведба и едукација. Едицијата има за цел да придонесе кон развојот на музичката култура и да ја доближи уметничката музика до пошироката публика.

Македонски


