Вечерва (4 декември), од 20 часот, во „Јавна соба“ ќе се одржи промоцијата на првиот роман на Румена Бужаровска, „Тони“ во издание на Издавачки центар ТРИ. Романот ќе биде промовиран со разговор меѓу Бужаровска, писателот Петар Андоновски и поетесата и главна уредничка на „Медуза“ – Калиа Димитрова.
„’Тони‘ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие“, велат од ТРИ.
Од Издавачки центар ТРИ го опишуваат романот како брутално комичен и длабоко трагичен, посочувајќи дека реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите.
„Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода“, велат од ТРИ. Тони тоне, удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник.
Од „ТРИ“ посочуваат дека „Тони“ е роман напишан на жив, остар и современ јазик во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, која стекна голема популарност со своите раскази и со романизираните есеи „Господ, па Америка“.
Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е на четири збирки раскази („Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“), на есеистичката книга „Господ, па Америка“, на студија за хуморот во современиот американски и македонски расказ (За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот), на детската книга „Што виде бубамарата?“, како и на книгичката кратки фикции „Спиј“.
Нејзините книги се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се поставени во шест театарски претстави во земјата и во странство. Преведува од англиски на македонски (Џон М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти, Ијан Рид, Фланери О’Конор) и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.