Skip to main content

Промоција на новиот роман на Венко Андоновски во четврток на Малата сцена во МНТ

На 4 декември, на Малата сцена во МНТ, од 19 часот, ќе се одржи промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Венко Андоновски.

По точно 3 години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби 6 изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери.

Промотори ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и истакнатиот новинар Ерол Ризаов. Истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка на Филолошкиот факултет и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар, обајцата познати домашни ерудити, ќе ни го доближат овој необичен роман давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството.

Од Издавачки центар ТРИ истакнуваат дека настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност.

Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во пишаното.

Книгата ќе биде на продажба на самата промоција, а веќе е достапна во сите книжарници на Издавачки центар ТРИ и онлајн на kniga.mk.

Поврзани вести