
Новата книга на Тина Иванова – „Danse Macabre“ вечер ќе биде промовирана во „Котур Кафе“. Станува збор за збирка од осум раскази кои, иако различни, ги поврзува иста тематика – како што сугерира и самиот наслов, алегоричен и гротескен приказ на смртта и животот.
Книгата „Danse Macabre“ неодамна излезе од печат во издание на „Темплум“, а нејзиното прво претставување се случи на годинашниот Саем на книгата во Скопје. Ова е прва книга раскази од музикологот и писателката Тина Иванова, која досега има создадено повеќе литературни дела во различни жанрови.
Промоцијата ќе биде збогатена со музички настап на бендот во состав: Иван Бејков (контрабас), Филип Динев (гитара) и Ристо Ивановски (гитара).
Модератор на настанот ќе биде писателот и уредник Никола Гелевски, додека книгата ќе ја промовира филмскиот критичар и писател Златко Гелески.
Тина Иванова (1976 година во Скопје) дипломира музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има долгогодишно искуство како новинарка, музичка критичарка и уредничка. Работела во „Утрински весник“, Македонско радио, радио Канал 103 и Македонската информативна агенција. Од 2014 година е ангажирана како асистент продуцент во Македонската филхармонија, каде што од 2020 до 2023 година ја извршуваше функцијата директорка.
Авторка е на повеќе публицистички и книжевни дела, меѓу кои: „Документ 103“, за кое е добитничка на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ (2012), романите „Кругови“ (2013) и „Сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ (2024), како и монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“, за која ја доби наградата „Панче Пешев“. Коавторка е на монографијата „70 години Македонска филхармонија“ и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015).
Покрај тоа, активно пишува поезија, текстови за песни, раскази, сценарија за детски концерти и музичко-сценски претстави за деца. Авторка е и на пет книги за деца кои наскоро ќе бидат објавени.