Денес со почеток во 18:00 часот во Лабораториум во Скопје, ќе биде промовирана бајката „Барското фенерче“. Во склоп на оваа промоција ќе биде претставена и изложбата на магичните илустрации од самата сликовница кои ќе имате можност да си ги набавите врамени за дополнување на царството наречено детска соба.
Автор: Цвете Јовановска
Илустратор: Иван Најденовски
Промотор: Ана Јовковска
Колку е магично кога ќе влеземе во бајка што светка и се ниша како фенерче на ветерот! Кога ги читаме волшебните мигови во бајките, некогаш нештата не се онака како што очекувамеее…. Нели? А во оваа бајка, барското фенерче ќе светне силно – затоа што Коки, комарецот со срце меко како памук и душа лесна како песна, ќе ѝ пее на светулката Светле музички концерти и еден ден ќе ја спаси од гооолема неволја!Запловуваме во барата полна со авантури и магија!
„Во време кога се е некако забрзано, кога концентрацијата е се помала, кога подолгите текстови се прескокнуваат или во најдобар случај остануваат недочитани, а подолгите видео материјали остануваат недогледани, во ова издание имаме една малечка оаза на смиреност и бавност која ќе го израдува и облагороди детското срце. Сето тоа се случува благодарение на атмосферата која ја гради авторката преку поетичниот израз. Уште на самиот почеток малиот слушател или читател ќе биде обземен од магијата на раскажувањето. Убавината и спокојот го носи и моментот дека животинчињата во оваа приказна имаат човечки особини, зборуваат, размислуват и се вљубуваат, па така е овозможено доближување на детето со животинскиот свет, со комарецот Коки и светулката Светле кои се главни позитивни ликови, но и со нивните пријатели видрите, полжавот Столе, вилинското коњче, црвеноперката, старата желка.“ – вели Филип Димкоски во својата рецензија за оваа сликовница.
„Кој би верувал дека една жаба може да биде непријател на цела една бара? Кој би верувал дека барата за некој претставува цела планета или цел свет? Во ваквите микро изданија се крие ултимативниот одговор. Иако знаеме дека доколку принцезата ја бакне жабата, таа може да се претвори во принц, овде се раскажува за нешто сосема друго. Така е, вие сте во приказна за сосема друга жаба, со целосно различни манири и карактер. Како тоа? Всушност, овде жабокот Креко е навистина лош и прави никој да не се чувствува безбедно во негова близина. Опааа, краставата жаба има план и веќе подготвена завера. Хм…
Цвете Јовановска како автор, заедно со Иван Најденовски како илустратор прават магија од „Барското фенерче“. Со уникатна суптилна нежност и метафори е раскажана една сурова случка, во која на крај победува добрината и љубовта. И, иако станува збор за навидум платонска љубов која случајно ја покренува ветрот, лојалноста на пријателството и заедницата се клучни елементи на оваа приказна. Оваа сликовница нè учи како да бидеме подобри, како да побараме помош, да си поддадеме рака за поддршка – универзална приказна за важноста да бидеме заедно. Комарецот Коки си ти! Светулката си ти! Пријателот кој се обидува да помогне краставата жаба да не биде непријател си ти! Сите ние сме заедно во оваа приказна, да излеземе како победници, да си ја заштитиме љубовта и нашиот дом.“ – вели Митко Гогов.
А на нас ни останува да запловиме во водите на фантазијата и да влеземе во една уникатна приказна.