Skip to main content

Промоции, изложби, поетско-музички перформанси, почнува „Поетски слем Македонија“

Дизајнотот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.

Националниот „Поетски слем Македонија“ 2026 годинава по 16-ти пат ќе се одржува во Прилеп и ќе трае од 8 до 11 октомври.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп, а ќе се отвори утре во 18:30 часот во галеријата НУЦК „Марко Цепенков“ со изложба на ДЛУМ-Битола. На истата локација ќе се одржи и поетската монодрама „ Лидија или сѐ што знам за жените“, со почеток во 20 часот.
Оваа година, за титулата национален претставник, ќе се натпреваруваат дваесетина учесници и учеснички од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија. Учесници се Бобан Богатиновски, Лиле Јовановска, Тања Кузманоска, Билјана Павлеска, Виктор Спасески, Жане Гудеска, Јулијана Маринковиќ, Маја Малиновска, Марија Грубор, Наталија Наумовска Велковска, Стефанија Граовац, Тони Павлески, Лилјана Сливоска, Елена Пренџова, Игор Трпчески.

Годинава директно во финаленото влегоа Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои добија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, кој се одржа на 26 септември во Скопје.
Специјални гости годинава се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре
од Мозамбик, Африка.

На девети октомври во кафулето „Долапче“ со почеток во 18 часот ќе се одржи промоција на збирка поезија на хаику, хаига и задачи за креативно пишување од Елена Пренџова, а промоторка ќе биде Катарина Фиаменго од Србија. Потоа, во клубот „Дипломатик“ со почеток во 19 часот ќе се одржат промоции на две збирки поезија од авторките Александра Јуруковска и Сузана Мицевска, а промотор ќе биде Звонко Димоски.

Во киното „Мис Стон’ со почеток во 20 часот ќе настапат специјалните гостинки од Мозамбик – Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре, а после нивниот настап на истата локација ќе се одржи полуфиналето во слем.
Третиот фестивалски ден ќе се одржат неколку поетски промоции на книги, како и главното слем-натпреварување.

Промоција на збирка поезија од Марија Грубор, чија промоторка ќе биде Елена Пренџова, ќе се одржи во клуб „Дипломатик“ со почеток во 18 часот.

Фестивалот свечено ќе се отвори со слем-караванот, кој ќе почне на прилепскиот плоштад (кај Саатот) и ќе се движи до НУЦК „Марко Цепенков“.
Ќе се одржи и промоција на книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески, а промотор ќе биде Ѓоко Здравески.

Главното слем-финале ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот, по што следи концертна промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј (Бранислав Николов), заедно со „Хот џез оркестра“.

Последниот фестивалски ден (11 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.

Вечерта ќе е посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот.

„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското, а како подарок ќе добие часовник од брендот „11и11“.

Дизајнотот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.