
На 19 јуни, четврток, во 20.30 часот, во Националната галерија, објект „Чифте-амам“, ќе биде отворена изложба поставена во Македонскиот павилјон на 60. Венециското биенале. Станува збор за проектот „Inter Spem et Metum“ на уметницата Славица Јанешлиева, визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација што нѐ фрла во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин.
Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нѐ впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде што нѐ соочува со чувството да си странец и тоа оној што е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа не соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените квалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… Нѐ соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, поради наметнатите очекувања.
Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта, која е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање, кои се различни причини од кои може да се црпат инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува – стои во описот на проектот.
Проектот ќе биде поставен до 31 јули, а кураторка е Ана Франговска.