
Режимот за градење гнездо е активиран, стои во најавата на Нешнал џиографик за премиерното прикажување на „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска.
Едноставен чин на грижа ги зближува Никола и ранетиот штрк во приказна за лекување и тивко другарство.
Од номинираната за #Оскар Тамара Котевска (Медена земја), #ПриказнатазаСилјан премиерно се прикажува на 8 јануари на National Geographic TV. Следниот ден на Disney+ и Hulu.
Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National Geographic и Disney+ со силна маркетинг и фестивалска поддршка. За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на „Оскар“ и „Еми“, а самиот факт што ја препозна „Приказната за Силјан“ е доказ за неговата универзална вредност. Паралелно со договорот со National Geographic, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги превзема британскиот Dogwoof, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и „Бафта“. Dogwoof ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.
Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа, рече Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.
„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Зад филмот стои силен меѓународен тим:
Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска
Кинематограф и продуцент: Jean Dakar
Продуценти: Anna Hashmi и Јорданчо Петковски
Продуцентски куќи: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop, и Филмоскопија
Монтажер: Мартин Иванов
Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio)
Тонска обработка: Александар Протиќ
Колор корекција: GHABHA Studios
Консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz

Македонски




