
На малата сцена во Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Западен експрес“, копродукциски проект меѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и МНТ. Претставата е работена по текст на романскиот наградуван автор Матеј Вишњек и во режија на Јари Јутинен.
Раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина, за на крај да сфатат дека возот од насловот на претставата води кон илузија.
„Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз, симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес — движење на миграциски тела и умови кон најблиските епицентри на „американскиот модел“ и земјите на европската заедница. Авторот создава живописна сценска фреска исполнета со разни ликови – од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Претставата е структурирана во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на стар слеп човек кој ја носи сенката на Едип и неговата трагична мудрост, поставена врз современите општествени настани. Вишњек го набљудува Западот низ перспектива на Истокот, прикажувајќи го стремежот кон западниот мираж и последиците од губењето на културниот и јазичниот идентитет. Иако се отвораат тешки и актуелни прашања, авторот со леснотија и гротеска создава сценски свет во кој човештвото останува во центарот, а визионерската мисла овозможува разбирање на реалноста во која живееме, наведува МНТ.
Во претставата играат актерите: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а музиката на Јане Трајковски. По вечерашната премиера, првата реприза на „Западен експрес“ е закажана за 4 мај.

Македонски



