Skip to main content

Повеќе од 110 промоции и 65 издавачи ќе учестуваат на Саемот на книга кој почнува на 8 мај

Богата седумдневна програма со учество на над 65 издавачки куќи од земјата и регионот, национално претставување на Србија преку Министерството за култура на Србија и учество на Амбасадата на СР Германија ќе понуди годинашното издание на Саемот на книга во Скопје кој се отвора на 8 и ќе се одржува до 14 мај во Арената „Борис Трајковски“.

Во седумте саемски денови најавени повеќе од 110 промоции и средби со автори во Промо центарот и на штандовите на изложувачите, а се очекува бројот на посетители да се искачи над 30.000, од кои околу 12.000 ученици, кажаа на денешната прес-конфренција организаторите, извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска и проект-менаџерката на Саемот Сања Кондарко.

„Храна за душа“ е слоганот на 37. издание на Саемот на книгата. Посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот. Отворањето е закажано за 8 мај од 10 часот, додека официјалното отворање на Саемот ќе се одржи два часа подоцна, во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Како што на телото му е потребна здрава храна, така и на умот му е потребна здрава мисла за правилно да функционира. А книгите ја имаат уникатната моќ да ни ја нахранат душата. Оттаму и доаѓа инспирацијата за овогодинешниот слоган „Храна за душа“, кој уште еднаш потенцира дека Саемот е место на инспирација, на нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги, изјави Глигоровска.

Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област.

Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, а последниот ден од 10.00 до 18.00 часот. Редовна влезница чини 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.

Хуманите и општествено одговорни иницијативи остануваат дел од Саемот на книга и оваа година, а во истиот дух ќе продолжи и соработката со СОС Детското Село. Со секоја купена влезница Саемот на книга ќе донира 15 денари на СОС детското село.