Вечерва, со почеток од 20:00 часот во Македонскиот народен театар за последен пат во 2024 година, ќе биде изведена театарската претстава „Последната лента на Крап“. Претстава што беше претставена и наградувана на повеќе интернационални фестивали. Единствена претстава во Македонија по текст на нобеловецот Семјуел Бекет. Четири години на репертоарот на МНТ.
Ѓорѓи Јолевски во улогата на Крап
Автор: Семјуел Бекет
„Последната лента на Крап“ е претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет! На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А, стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша. Ова е претстава за изолацијата, за стареењето, за кревкоста на сеќавањето, нашиот комплексен однос со технологијата, во еден свет во кој времето неповратно минува, низ бројни ограничувања со кои не соочува самиот живот.
Претставата е во продукција на Ѓорѓи Јолевски во ко-продукција со Македонскиот народен театар и Перипетија продукција од Скопје. Извршен продуцент е Никола Кимовски.
Преводот на текстот од англиски на македонски јазик го направи драматургот Владимир Јанчевски. Сценографското решение, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, костимографијата е на Ивана Каранфиловска – Угуровска.
На светло дизајнот работеше Дарко Младеновски во соработка со светло – операторот Игор Митревски, а на дизајнот за тон – Ненад Трпеноски.
Фотограф: Кире Галевски
Суфлер – Тања Ивановска
Шминкер – Бранка Пљачковска
Вајар – Ангел Петровски
Реквизитери – Снежана Грнчаревска и Боби Гелиќ