Skip to main content

„Порти кон бескрајот“ – самостојна изложба на уметникот и архитект Илија Кочоски во Прилеп

Постер / Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп

В петок, на 11 јули во 20:00 часот, во фоајето на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена третата самостојна изложба на прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, насловена „Порти кон бескрајот“….Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис. Со оваа изложба, неговиот богат, симболички и духовен сликарски свет, за првпат се претставува пред јавноста.

„Порти кон бескрајот“ е ретка можност прилепската јавност да се сретне со досега необјавени дела од уметник чие визуелно наследство одамна е втиснато во генотипот на градот – но без да го препознаеме како такво. Фонтани, споменици, обележја – секој од нас минал покрај некое негово дело, а малкумина знаат кој стои зад нив.

Илија Кочоски / Фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп

Изложбата го отвора сликарскиот свет на Илија Кочоски, уметник, архитект и автор на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко, кој со децении делува тивко, но длабоко. Делата што ќе бидат изложени се создадени во еден продлабочен и самосвојен период на неговото творештво, а досега никогаш не се прикажани пред публика.

Овие слики не се создадени за декорација, туку како прашалници впишани во материја. Секоја од нив повикува – да се застане, да се вдише, да се зачекори нанадвор од рационалното. Во нив има нешто древно и истовремено потполно лично. Како иконите – не поради религиозноста, туку поради внатрешната строгост, ритамот и повторливоста, нивната скриена моќ на присуство.

Материјалите што Кочоски ги користи – бакар, дрво, масло, златни клинци – не се тука заради ефект, туку како наталожени слоеви на искуство: како тавите од нашето секојдневие, куполите од храмовите, прагот од старата куќа. Во нив се спојуваат ритуалот и интимата, светото и секојдневното.

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп

Изложбата е поделена во два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација – наспроти вториот, кој отворено се прашува за еволуцијата на свеста, за присуството на човекот во космосот, и за границите на духовното и материјалното. Тие „порти“ не водат во простор – туку во состојба.

Изложбата е поддржанa од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Поврзани вести