Пред 150 години српскиот писател Бранислав Нушиќ, мајсторот на комедијата, хуморот и смеата го опишал балканскиот менталитет во своите драми и многу е поразително што не сме мрднале многу од тогаш, вели актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Александар Микиќ, кој ја толкува главната улога во „Народен пратеник“ чија премиера на малата сцена на националниот театар е закажана за в сабота, на 25 јануари, во 20 часот.
Премиерата на „Народен пратеник“ во режија и адаптација на српскиот режисер Егон Савин е во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на МНТ.
Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски и група статисти. Сценограф е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Бранислав Нушиќ е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата премиерно била изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, што е и втора поставена драма на сцената на Националниот театар. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли и доживеала над 200 изведби во 15 театарски сезони.
Микиќ (59) во „Народен пратеник“ го толкува ликот на таткото Јеврем Прокиќ, кој има амбиција да стане пратеник во Собрание. Заплетот во претставата се случува кога неговиот зет за ќерка, адвокатот Ивковиќ, исто така сака да се кандидира за народен пратеник, но едниот од страна на партијата на власт, а другиот од опозициската. Конфликтот е сместен во фамилијата, и тоа е сериозен драмски потенцијал за урнебесна комедија, особено кога во оваа приказна ќе се испреплетат и ситните амбиции на пошироката фамилија и паланката. Пред повеќе од 30 години, кога Османли ја поставил оваа драма во МНТ, Микиќ, како штотоуку дипломиран актер бил дел од екипата, толкувајќи го ликот на Спиро Секулиќ.
Во богатата театарска, филмска и телевизиска кариера на Микиќ се запишани бројни улоги и награди. Тој е двапати наградуван како актер со најмногу одиграни претстави на матичната сцена (2008 и 2009), добитник е наградата за најдобра улога во претставата „Ах, љубов моја“ на Коле Ангеловски на фестивалот за комедија „Мостарска лиска“ во 2013, трикратен добитник за најдобар актер на „Златна бубамара на популарноста“ (2014, 2017, 2023). Дел е од ансамблот на МНТ од 1997 година. Од актуелните претстави кои се на репертоарот на МНТ игра во „12“, „Кец на десетка“, „Торонто експрес“, „Мој термин“, „Бесачи“, „Ничија земја“, „Не се клади на Енглези“, „Животот е прекрасен“…
За улогата на Јеврем Прокиќ вели дека добро му легнала, иако е цело време на сцена, само со две минути пауза.
Како ја разбирате улогата на народниот пратеник во денешното општество со она што го прикажуа Нушиќ во претставата?
МИКИЌ: Поентата и големината на „Народен пратеник“ на Нушиќ е што е безвременска. И тоа затоа што нашиот ментален склоп, овој балканскиот, не е мрднат од негово време до сега. Претставата е напишана пред околу 150 години. Ова е комедија на карактери, односно не знам колку е комедија, повеќе е сатира на едно општество. Нушиќ има направено една таква плејада на ликови што ментално, за жал, не сме мрднати. Уште е останата таа ненаситна желба за моќ на луѓето кои се некомпетентни да извршуваат одредени функции, непотизам, корупција. Не сме мрднати. Како за денес да ја пишувал Нушиќ, без разлика што ние сме облечени во костимите од тоа време, бидејќи режисерот инсистираше да бидеме така. Поразително е кога ќе се види дека не сме мрднале многу од пред 150 години.
Како политичкиот и социалниот контекст во кој се игра претставата се одразува на современиот живот?
МИКИЌ: Кога пред повеќе од 30 години ја поставувавме „Народен пратеник“ со македонскиот режисер Димитрие Османли Македонија беше млада држава, штотуку создадена. Сите ние, јас бев многу млад, се уште студент или само што дипломиран актер, бевме затекнати од што е тоа многу партиски систем, избори, опозиција, Влада. Се тоа беше непознато за нас. Но, како растеше државата, така растеше и претставата. Тој „Народен пратеник“ на професорот Османли се играше 15 театарски сезони, имаше над 200 изведби, си живееше, растеше. Со Јордан Симонов разговаравме дека треба да се обнови, сега е вистинско време за тоа и ете се појави Егон Савин, како да не слушна што зборуваме и се постави на сцената на МНТ.
Како, според Вас, оваа претстава би можела да влијае на размислувањата на публиката за актуелните политички теми?
МИКИЌ: „Народен пратеник“ е огледало на таа некомпетентност, алчност и лакомост. Еден успешен човек, ситен трговец, кој има се што ќе посака, голема куќа, семејство, добар бизнис, одеднаш сака нешто што не му припаѓа. Сака почести, доверба на народот, да биде некој значаен во општеството, а е целосно нестручен за тоа. Не знае ништо, со образованието е скаран, ама таа желба да биде некој значаен, да биде власт, макар што не знае да каже ниту една реченица во Собрание, ќе го направи да се послужи со сите средства да стане пратеник.
Бевте дел од „Народен пратеник“ кој во 1993 година го режираше Османли на сцената на МНТ. Таа претстава е меѓу најгледаните во театарската историја на Националниот театар. Неблагодарно е да се споредуваат, бидејќи станува збор за два различни режисери, со различни естетики и начини на работа. Каква иднина ја чека оваа изведба?
МИКИЌ: Двете изведби се сосема различни.„Народен пратеник“ на Османли ми беше меѓу првите, ако не и прва во МНТ. Имам многу убави спомени од тоа време. Професорот Османли беше мајстор за комедија. Многу добро знаеше каде ќе реагира публиката, кога ќе се смее. Кога ја направивме, и кога публиката почна да доаѓаа, да ја сака, беше вистинско задоволство да се игра во неа. Савин има подруг пристап, не го истакнува тој водвиљски момент во претставата. Напротив, скроз го смени и тој сакаше да направи остра сатира на општеството. Се надевам дека ќе биде и смешна. Мислам дека ги имаме сите атрибути и долго ќе се игра на сцената на МНТ. Савин направи една многу храбра адаптација на претставата. Од една претстава каде што има 12-13 лика, тој направи само пет, а ништо не е изгубено. Многу умешна адапатација. Костимите се од тоа време, сакаше да се задржи времето во кое Нушиќ ја напишал претставата. Се потрудивме да зборуваме на староскопски јазик. Целта на пратеникот му е да отиде во Белград, во парламентот, а дали ќе успее, ќе видиме.
Какви паралели може да направите помеѓу ликот што го играте и денешните политички услови?
МИКИЌ: Колку пратеници во Собрание денеска гледаме кои само седат, како безгласни букви се, само креваат рака за гласање? Тие го претставуваат народот, а за него не прават речиси ништо. Тие се таму за лично богатење, да вработат некој свој, да направат некој бизнис додека се на власт. За сиве овие години во Македонија се изнагледавме само такви работи. „Народен пратеник“ е огледало на тоа.
Игравте во сите претстави на Нушиќ кој се поставени на сцената на МНТ, „Сомнително лице“, „Госпоѓа Министерка“, „Народен пратеник“.
МИКИЌ: Нушиќ ја напишал „Народен пратеник“ на 19 години. Тој факт кажува за неговата генијалност уште повеќе. Тој е писател кој многу добро го познава балканскиот менталитет. Ги познава човековите слабости и ги истакнува на еден ведар и хумористичен начин. Тоа што тој го пишува е голема сатира на едно време. Многу е духовит човек кој сака хумор.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски и Македонски народен театар