
Денес почина Владимир Цветковски, професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тој беше исклучителен наставник, педагог, научник, книжевен преведувач кој зад себе остави прекрасен опус и инспирираше голем број генерации студенти.
Неговиот закоп ќе започне во Капелата на Градските гробишта во Бутел на 6 август (среда) од 12:30 до 13:30.
Вечна му слава и вечен му спомен на проф. Цветковски!
Роден 1934 год. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет – Нови Сад (1959). Магистрирал на Универзитетот на Пенсилванија во Филаделфија во 1964 и докторирал во Скопје (1973).
Во 1961 год. се вработил како асистент, а во 1973 година е избран за доцент на Катедрата по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет – Скопје. Бил продекан (1980 – 1982), а од 1989 – 1991 год. декан на Филолошкиот факултет. Во неколку мандатни периоди ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата по англиски јазик и книжевност. Се пензионирал во 2000 год. во својство на редовен професор.