Skip to main content
Со промоција на приказните за деца „Тапшин танана“ од Божана Атанасова денеска НУ Библиотека „Григор Прличев“ се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца

Овој ден е потсетник колку е важно децата да растат со книга во рака

Секој 2 април, на роденденот на големиот раскажувач Ханс Кристијан Андерсен, светот го одбележува Светскиот ден на литературата за деца.

-Овој ден е посветен на магијата на зборот, на бајките што нè водат во светови полни со фантазија, добрина и поука, и на сите автори кои со својата имагинација го збогатуваат детството. Литературата за деца има посебна вредност – таа не само што забавува, туку и воспитува, учи и инспирира. Преку бајките, децата ги откриваат разликите помеѓу доброто и злото, учат за храброст, пријателство, љубов и правда, отворајќи го настанот рече Христина Трпеска, директор на Библиотеката и додаде:

– Македонската литература за деца, исто така, има богата традиција. Народните македонски бајки, пренесувани од генерација на генерација, се вистинско богатство полно со мудрост и народна фантазија. Покрај нив, значајни се и делата на македонските автори како Ванчо Николески, Славко Јаневски, Видое Подгорец, Киро Донев,  Горјан Петрески,  Глигор Поповски, и други, кои создадоа незаборавни приказни за најмладите читатели. Овој ден е потсетник колку е важно децата да растат со книга во рака. Читањето бајки го развива јазикот, креативноста и љубовта кон литературата. Да им подариме на децата приказни – затоа што секоја прочитана бајка е чекор кон побогат и поубав свет, заклучи директорката Трпеска.

-Роднокрајната авторка Божана Атанасова е родена 1944 година во село Лактиње и по струка е медицинска сестра во пензија. Автор е на книгите „Митуш“ ( 2013) , „Водици“ ( 2016) , „Талкачи по виножитото“ ( 2016), „Во приквечерината“ ( 2021) и „Низ прозорецот“ издадена 2022 година.  Тоа значи дека има долг пишувачки стаж, но далеку од очите на медиумите и јавноста. Иако најголемиот дел од книгите на еден или друг начин допреле до охриѓани а и пошироко.

Оваа најновата е посветена на внуците, но на сите нечии внуци и деца под наслов „Тапшин танана“во издание на охридската Библиотека содржи 17 приказни кои влечат корени од нејзиното детство, но се и инспирирани од секојдневието на авторката Атанасова со нејзините внуци Димитри и Искра кои сега се возрасни луѓе, кажа во промотивната реч м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар. Според него  целото животинско царство чиниш живее во книгата на Божана и тоа во хармонија. Таква е намерата на авторката, всушност бајките секогаш имаат среќен крај.

За полесно да ги разбереме ситуациите и поуките кои зрачат од секоја прочитана приказна, Божана вешто како што тоа е закон во приказните на животните им ја дава моќта на зборот и често во дијалог се наоѓаат животните меѓу себе ама и со луѓето. Книгата ја красат заспивалки и сонувалки, Атанасова со ова свое најново прозно дело влегува во галеријата од охридски автори кои пишувале или пишуваат за деца.

Приказни од книгата „Тапшин танана“ читаше библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска, а беше прочитана и светската порака во чест на денот на книгите за деца годинава напишана од авторка од Кипар.

Пред бројната публика почитувачи и пријатели на авторката на промоцијата присуствуваа и над 30 ученици од подрачното училиште „Григор Прличев“ во населбата Рача.

Свој настап имаа и младите интерпретаторки Анамарија Нестор и Стефани Крстаноски кои отпеаа песни од минатогодишното „Распеано рибарче“.

Поврзани вести