Skip to main content

Отворена 38. Поетска ноќ во Велестово

Со настап на Иван Христов на кавал и Петар Чухов на гитара синоќа беше отворено 38. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. На отворањето беше претставен поетски портрет на македонскиот поет Јовица Ивановски по што следеше интернационалното поетско читање „Имаго“ на кое настапија поети од Ирска, Хрватска, Бугарија, Романија, Црна Гора и Србија.

За крај на фестивалската вечер беше отворена изложбата „Флора“ на академската сликарка Ивана Настоски.

Програмата продолжува денеска со посета и поетско матине во „Арт поинт – гумно“ во село Слоештица, при што ќе биде проследена и проекција на филмот „Крајолици на човештината“ во режија на Јана Хунтерова од Чешка, кој ја освои наградата „Златна потковица“ на 21. издание на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест.

Вечерната програма продолжува во охридскиот Лапидариум од 20:00 часот со  Диптих #7, промоција на поетските книги „Република на тишината“, избор песни од Павле Горановиќ и на „Собирачи на коски“, избор песни од Томица Бајсиќ, обете во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, а во издание на „ПНВ Публикации“. Разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска. Потоа во 21:00 часот следува интернационално поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат Моли Туми (Ирска), Звонко Карановиќ (Србија), Маја Ручевиќ Карановиќ (Хрватска), Иван Христов (Бугарија), Анисија Ангел (Романија), Диме Ратајкоски, Тони Попов, Вероника Димоска, Викторија Ангеловска и Андреј Медиќ Лазаревски (Македонија).

Фестивалот е поддржан од Министерсвото за култура, Општина Охрид и Комерцијална банка.

Поврзани вести