Skip to main content
БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА, АКТЕРКА

Откако ја напишавме, уште повеќе го слушам терминот „досадно“ од разни возрасти, не само кај децата

Откако ја напишавме, уште повеќе го слушам терминот „досадно“ од разни возрасти, не само кај децата. Бевме инспирирани од детската досада, но истражувајќи, дојдовме до сознанија дека и на возрасните, живеејќи во овој брз и колоритен свет, им е кратко вниманието како и на децата, вели во интервју за „Република“ Билјана Јовановска, актерка која е и режисерка на претставата „Жива досада“ чија премиера е закажана на 8 мај, во 18 часот на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ).

Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Вања и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно.

Претставата е авторски проект на актерките Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан. Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација. Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.

Претставата е наменета за возрасна категорија 5+. Претставата е во продукција на Македонски народен театар и е финансирана од сопствени средства.

Јовановска: Родителите да разберат дека сите правиме грешки и да бидат коректни да ги препознаат, а децата да ја почувствуваат убавината на тоа што се деца, вон светот на технологијата. / Фото: Република

Билјана, вие сте актерка по професија, која е дел од екипата која го напиша сценариото за претставата за деца „Жива досада“. Ваша е и режијата, а се појавувавте и во алтернација. Како ги ‘менаџиравте’ сите овие улоги?

ЈОВАНОВСКА: Како вистински жонглер. Потребата за творење тлее во мене овие неколку години, додека бев отсутна од сцената на матичниот театар. Дојде време да се активирам и извесно време се занимавав со организирање работилници за деца со колегите од „Театар за тебе“, Изабела Јакимова и Гоце Андонов. Оттука дојде инспирацијата, да се направи претстава за деца во МНТ. За среќа, се совпадна да презентираме во годината кога МНТ одбележува 80 години, а на оваа тема сакам да изразам голема благодарност до раководството на националниот театар, што препозна потенцијал во идејата и вложи максимални напори таа да се оствари. Што се однесува до менаџирањето на обврските што ги имам околу претставата, тие се одвиваа спонтано и од проба на проба ја играв улогата што е потребна за претставата, дали тоа е на сцената или во позадина.

Како настана идејата за претставата?

ЈОВАНОВСКА: Таа се роди во моментот кога со Изабела и со Нина сакавме да ги посочиме негативностите на навиките на децата како и на возрасните и да ги искомбинираме со веќе постоечки ликови од бајка. Се помачивме на што точно да се концентрираме, додека не се согласивме дека темата ќе ни биде досадата. Оттаму, нашата приказна „Жива досада“, почна да се создава, заедно со нејзините ликови и процесот на пишување одеше речиси без застанување.

Зошто токму темата досада ве инспирираше да напишете претстава?

ЈОВАНОВСКА: Затоа што е насекаде околу нас. Сега, откако ја напишавме, уште повеќе го слушам терминот „досадно“ од разни возрасти, не само кај децата. Бевме инспирирани од детската досада, но истражувајќи, дојдовме до сознанија дека и на возрасните, живеејќи во овој брз и колоритен свет, им е кратко вниманието како и на децата.

Во едно општество во кое досадата се сфаќа негативно, како ја претставувате нејзината креативна и позитивна страна?

ЈОВАНОВСКА: Дојдете на претставата и ќе видите.

Јовановска: Досадата е насекаде околу нас / Фото: Република

Што е она што сакате публиката и децата и родителите да го понесат со себе по гледање на „Жива досада“?

ЈОВАНОВСКА: Секогаш да веруваат во магија. Едвај да чекаат да одат повторно во театар. Родителите да разберат дека сите правиме грешки и да бидат коректни да ги препознаат, а децата да ја почувствуваат убавината на тоа што се деца, вон светот на технологијата.

Дали по премиерата на „Жива досада“ ќе заживее детската сцена на Националниот театар?

ЈОВАНОВСКА: Правејќи ја оваа претстава, паралелно се формираа и неколку споредни мисии. Првата е реанимација на детската сцена на МНТ, како и нејзино одржување. Втората е вклучување невработени актери во процесот како и воведување на задолжителни алтернации на актерите. Третата е одржување на отворени проби, на којшто се добредојдени колеги од нашата професија.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести