
Во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје денеска во 12 часот ќе се одржи омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски. За наставната, научната, творечката и преведувачката дејност на Сталев зборуваа професорите Венко Андоновски, Зоран Анчевски, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Трајче Стамески.
Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште – 2025, Скопје) е поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и во Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Тој е еден е од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983).
Добитник е на престижни награди и признанија: „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“; наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика (двапати); „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени/МЕС-Сараево (1972); Медал од Фондот на Лермонтов (Москва); награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновиќ“.
Автор е на пет поетски книги, пет драмски текста, два романа, една книга раскази, многу препеви, преводи и критички есеи. Неговото вродено чувство за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања ќе го насочат Георги Сталев и кон пишување либрета за опери, па дури и кон компонирање музика за детски претстави.
Омажот го организираат Филолошкиот факултет во коорганизација со Институтот за македонска литература, Друштвото на постелите на Македонија и Македонскиот ПЕН-центар.

Македонски



