Skip to main content

Од печат излезе македонскиот превод на ремек-делото „Киклоп“ од Ранко Маринковиќ

Сметан за едно од најзначајните дела на хрватската литература од минатиот век, Киклоп е роман со длабока филозофска основа и книжевна виртуозност, кој ги спојува модернистичките и постмодернистичките елементи. Дејството се одвива во предвоениот Загреб, во месеците пред избувнувањето на Втората светска војна, а во фокусот е Мелкиор Тресиќ – млад интелектуалец кој се соочува со својата лична криза во сенка на колективниот ужас што претстои.

Преку густо испреплетени дијалози, интелектуални референци и силна симболика, Маринковиќ создава наратив кој ги истражува темите на анксиозноста, алиенацијата и потрагата по смисла во време на општествена и духовна распаднатост. Романот обилува со интертекстуални упатувања – од античката митологија, преку Достоевски и Шекспир, до библиски и историски алузии – градејќи богат и длабок книжевен универзум.

Киклоп не е само роман за историјата, туку и за положбата на интелектуалецот во време на морална и политичка несигурност. Приказната, која варира од филозофски рефлексии до гротескни и бурлескни сцени, претставува вистински предизвик и за мислата и за емоциите.

Романот првпат беше објавен во 1965 година, а во 1982 беше адаптиран во истоимениот филм на режисерот Антун Врдољак, во кој учествуваа големи имиња од југословенската актерска сцена.

Ранко Маринковиќ (1913–2001) е едно од најзначајните имиња на хрватската литература. Освен со романите и драмите, се истакнува и со својата работа како критичар и публицист. Познат е по делата РацеГлорија и токму Киклоп, кој денес важи за еден од најдобрите хрватски романи на сите времиња.

Сега, благодарение на преводот на Јанковски и издавачката куќа ИЛИ-ИЛИКиклоп станува достапен и на македонски јазик – како уште еден важен мост меѓу книжевните култури на регионот.

Поврзани вести