
Романот „Солзотворец“ од италијанската современа авторка Ерин Дум е објавен на македонски јазик, во превод на Радица Никодиновска, а во издание на Издавачкиот центар „Три“.
Како што соопштија од „Три“, романот е адаптиран и во филм во продукција на „Нетфликс“, и се задржа на првото место на листата на најпродавани книги пет недели по ред. Во Италија е продаден во над половина милион примероци за три години.
Во превод од италијански јазик од универзитетската професорка Радица Никодиновска, оваа темна љубовна сага ги запознава читателите со книжевните ликови Ригел и Ника, кои се мачат да ги откријат во себе љубовта и добрината што ги немале во домот за незгрижени деца. За да можат да бидат заедно, мора да се помират со деструктивната љубов пред таа целосно да ги уништи. И двајцата со скршени срца, стануваат делчиња од една сложувалка во совршен спој, се вели во описот за романот, кој од критиката беше оценет како „новиот“ „Самрак“ од Стефани Мајер.
„Солзотворец“ е роман кој зборува за љубовта низ призмата на темна романса, жанр кој е особено популарен на „Букток“ – книжевното ќоше на „ТикТок“.
Ерин Дум е млада италијанска писателка која прво пишува под псевдонимот „Матилде“, а во 2017 година, на блог-апликацијата „Ватпад“, објавува два романа – „Начинот на кој паѓа снегот“ и „Солзотворец“. Поттикната од огромниот интерес на читателите за „Солзотворец“, издавачката куќа „Магаѕини Салани“ го издава неговото преработено издание во мај 2021 година, кое станува бестселер и досега е преведен на 26 јазици.
Овој роман е дел од едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија. Со книгите од овој проект „Три“ имаат за цел да ги доближат до македонските читатели европските популарни автори и книги кои веќе имаат свое место во светската литература и кои поттикнуваат позитивни промени во светот. Романот е достапен во сите книжарници на „Три“, се вели во соопштението на издавачката куќа.