
Издавачката куќа „Македоника литера“ објави превод на романот „Прегорување“ од современиот чешки писател Петр Шестак, кој обработува современа тема – урбаниот велосипедизам.
Фрагментарен монолог од курир кој вози велосипед низ градот, доставувајќи храна до оние кои се посреќни и поуспешни од него. Тој е современ работник, извршител на услужни работи, доставувач на нарачки на платформа, а себеси се смета за претприемач. Тој нема шефови над себе, но тиранијата на шефовите е заменета со тиранијата на алгоритмите. Нема шефови, но нема ниту перспектива некогаш да стане шеф. Сè додека може физички да работи, тој ќе заработува само за живот. Курирот никогаш не заработува доволно за да слезе од велосипедот … Против автомобилите и кон нивните возачи се насочени неговата растечка фрустрација и гнев. Неговиот свет е поделен на два непомирливи табора: „јас“ наспроти „ти“, „велосипед“ наспроти „автомобил“, соопшти „Македоника литера“.
Посочува дека „Прегорување“ од Петр Шестак е одлично оценето и прифатено дело од литературната критика и од читателите и беше во најтесен избор за највисоката книжевна награда во Чешка „Магнезија литера“ во категоријата проза за 2024 година.
-Романот е современ, темата е урбана, стилот и нарацијата се на високо ниво, а приказната е алегорична, повеќеслојна и го одразува мигот на современиот поединец во динамичното и егзистенцијално секојдневие, се наведува во соопштението за романот „Прегорување“ кој од чешки јазик го преведе Наталија Тоневска Каровска.
Петр Шестак (1981) е чешки прозаист, сценарист и фотограф. Дипломирал чешки јазик на Педагошкиот факултет на Карловиот универзитет во Прага. Пишувал сценарија за патописна серија што се емитувала на Чешката телевизија и бил вклучен во нејзиното снимање во Монголија и на островите на Француските Западни Инди. Две години живеел во камп-приколка додека патувал низ Европа со мобилна изложба на фотографии. Неговите искуства од номадскиот живот се внесени во поетската, филозофска патописната книга „Номадска галерија“ (2014). Неговата збирка кратки раскази „Ловот“ (2015) исто така се потпира на неговите престои во странство.
Неговата трета книга, „Континуитет во паркот“ (2021), привлече одлични критики и наиде на силен одѕив кај читателите. Паралелно со неговото најново дело, романескна приказна за животот на луѓето во светот на автомобили „Прегорување“, авторот ја објави и својата книга за деца „Патот е куче“ (2023). За најуспешна негова книга се смета „Прегорување“. Негови книги веќе се објавени на неколку јазици, информира „Македоника литера“.

Македонски




