
Во издание на Издавачки центар ТРИ пристигна ново дело од познатата авторка Лидија Димковска. „Тринаесеттиот“, со поднаслов „Современа бајка за мали и големи“, е прв роман на авторката од овој жанр.
За квалитетите на прозата на Лидија Димковска сведочат многубројните читатели и наградите, од кои се издвојуваат – двапати „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, како и „Роман на годината“ за „Единствен матичен број“. Токму затоа се очекува критиката да се огласи одново за многузначноста и на ова нејзино ново прозно остварување.
Писателката Билјана Црвенковска, која беше една од првите читатели на романот, за „Тринаесеттиот“ изјави: „Роман кој ќе ве изненади во секој поглед! И не само затоа што претставува неочекувано и длабоко нурнување на авторката во литературата за млади, туку и поради флуидноста на жанрот (фантастика и бајка), поради прачетовскиот хумор и бруталното соочување со темите што се неизоставен дел од современото општество“.
Во „Тринаесеттиот“ Димковска ги спојува традицијата со современоста, народните приказни со Четџипити, Јутјуб, Инстаграм создавајќи урнебесна приказна која од една страна слатко засмева, а од друга длабоко замислува. Прашањата што се поставуваат низ романот го прават многу повеќе од едукативно и забавно четиво. Го прават поттик за размислување и преиспитување (на младиот читател, но и на опитниот возрасен).
Оваа ангажирана современа бајка не се плаши да зборува за ништо, додека ги комбинира добриот хумор и прекрасната приказна. Илустрациите се дело на талентираната Љупка Стојкова, која читателите веќе ја знаат од сликовниците „Писмо до внуката“ од Горан Стефановски, „Јас и Ти“ од Коста Петров, „Бунтот на бројките“ од Јована Матевска-Атанасова, „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески и други.
Од ТРИ изјавуваат дека со „Тринаесеттиот“ Лидија Димковска уште еднаш ја потврдува својата препознатлива моќ да создава книжевност што носи видливи промени.
Од денес, книгата е достапна во сите книжарници на ТРИ и онлајн на kniga.mk.

Македонски








