
Драмски театар Скопје вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Болва в уво“ од францускиот комедиограф Жорж Фејдо во режија на Синиша Евтимов кој е автор и на адаптацијата на текстот. Со оваа, петта премиера, ДТС ја завршува продукцијата во 2025 година.
„Болва в уво“ на сцената на Драмски се поставува повторно по пауза од над 30 години. Претходната, премиерно изведена во 1974 во режија на Димитрие Османли, имала 456 – најмногу одиграни изведби на сцената на овој театар.
Најголем дел од екипата на новата „Болва в уво“ се млади актери.
Во претставата играат: Дениз Абдула (кој игра две улоги), Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.
Сценограф е Мартин Манев, костимограф Раде Василев.
Предизвикот беше дотолку поголем, што култната претстава во Драмски сум ја гледал како ученик во основно училиште и сега по 30 години професионално работење како режисер, едноставно уживав во работата во жанрот, да направам ново исчитување на текстот, а притоа да ја задржам ‘равенката’ што ја поставил Фејдо. Новото читање и адаптацијата подразбира универзален јазик и хумор што координира со реалноста и актуелното време и ги поврзува универзумите што често го користам на сцена. Најголемото технолошко достигнување во претставата е телефон со жица, вели режисерот Евтимов пред премиерата во Драмски
Претставата „Болва в уво“ е петтата премиера планирана за оваа година со што во целост се реализираше Годишната програма на театарот одобрена од Министерството за култура и туризам. Претставата по распродадените три претстави во декември е на редовниот репертоар на театарот на 24 јануари 2026 година.

Македонски






