Во арената „Борис Трајковски“ во организација на „Прагма продукција“, вечерва, на 20 декември, пијанистот со светски глас, маестро Симон Трпчески и пријателите, ќе приредат новогодишен концерт насловен како „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ – и ќе нè водат низ светот на најубавите музички класици.
Во првиот дел од концертот е свита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски со четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески ќе му се придружи пијанистот Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент, активен во образовната дејност. Ќе настапи дел од балетскиот ансамбл на НОБ и балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.
Во вториот дел од програмата ќе биде класичен репертоар и изведба на дела од Моцарт, Лехар, Верди, Штраус…, кои ќе бидат изведени од музичари меѓу кои и членови на ансамблот на проектот на Трпчески, „Македонисимо“. Ќе бидат изведени и избор од класици во поп музиката, како легендите Дин Мартин, Френк Синатра, Нет Кинг Кол…, до помладите Мараја Кери и Мајкл Бубле.
Нивните нумери ќе бидат слушнати во „поинакво руво“, обработени специјално за овој концерт од композиторот Панде Шахов. Ќе настапат и двајца оперски солисти – сопранот Гонца Богоромова-Краповски и баритонот Иван Наумовски кои, рече, ќе дадат поинаква димензија на овие класици.
Мило ми е што со овој концерт на поврзување на класиката и на поп композиции, ќе ја добилижиме уште повеќе публиката, а пред се децата… Ова го гледам како еден вид предизвик зашто е прв новогодишен концерт целно направен во Македонија. Имав одамна желба да направам нешто вакво. Она што мене ми импонира е дека на овој концерт македонските музичари ќе имаат можност да се претстават на врвно уметничко ниво, изјави Трпчески на прес-конференцијата кога беше објавена програмата на концертот.